24фудбал

Италијанските медиуми контра шпанските: Модриќ се уште притиска за трансфер во Интер

АС и Марка најавија дека Лука Модриќ ќе остане во Реал Мадрид и ќе стави потпис на нов договор, но според медиумите од Италија, Хрватот се уште притиска за трансфер во Интер

Италија

Иднината на Лука Модриќ останува нерешена, барем според тврдењата на Скај Италија и добро упатениот новинар Џанлука Ди Марцио.

Денеска АС објави дека фудбалерот решил да остане на Сантијаго Бернабеу, а неколку часа подоцна Марка пренесе дека Хрватот ќе добие нов договор и плата од 10 милиони евра по сезона, исто колку и капитенот Серхио Рамос.

Но спротивно на овие стории, Скај Италија вели дека Лука Модриќ се уште сака нов предизвик, неговите агенти го притискаат Реал Мадрид да дозволи трансфер во Интер и бараат Флорентино Перез да го испочитува џентлменскиот договор.

Џанлука Ди Марцио пренесе дека агентот на играчот, Владо Лемиќ денес имал средба со десната рака на Флорентино Перез, Хосе Анхел Санчез и го известил дека неговиот клиент сака трансфер.

Според информациите од „Чизмата“ овој викенд ќе се одржат нови средби и во понеделник ќе се знае повеќе. Доколку Лука Модриќ летне за Талин за Суперкупот на Европа, тогаш тој сигруно продолжува со Реал, но доколку биде изоставен од тимот, тоа ќе биде знак за трансфер на Џузепе Меаца.

Исто така, Интер од денеска е во Мадрид за средбата со Атлетико во рамките на Интернационалниот куп на шампиони, и ова е одлична можност за „Нероаѕурите“ да седнат на маса со Реал.