24фудбал

Џабе и 70% посед и 25 шута, Херта му го нанесе првиот пораз на Баерн (ВИДЕО)

Неделата за Ковач и Баерн од лоша стана полоша откако шампионот на Германија капитулираше на гостувањето во Берлин, Херта славеше во 2-0 и им го нанесе првиот пораз на „Баварците“.

Германија

Медениот месец за Нико Ковач на Алианц Арена заврши. Откако Баерн во вторникот дома одигра само 1-1 против Аугсбург, вечерва следуваше нов шок.

„Баварците“ загубија на гостувањето кај Херта. Гостите можеби имаа 70% посед на топка и упатија 25 шута, но трите бода останаа во Берлин.

Домаќините знаеа како да ги искористат шансите кои им се укажаа и поведоа во 23. минута од мечот со голот на Ибишевиќ од пенал. Боатенг неспретно реагираше и го собори Калу во шеснаесетникот кога немаше опасна ситуација а капитенот не погреши од белата точка за 1-0.

Пред крајот на првиот дел следуваше нова радост за Херта. По една одлична акција, Дуда неодбранливо биеше од пет метри за 2-0.

Баерн Минхен се обиде во второто полувреме да се врати во игра, но гостите никако не го наоѓаа патот до мрежата на Херта па на крајот мораа да се помират со првиот пораз во сезоната.