24фудбал

Српската врска во Франкфурт режираше прекрасен гол, Јовиќ ја направи вечерта незаборавна со пет погодока (ВИДЕО)

Ајнтрахт Франкфурт ја „прегази“ Фортуна Дизелдорф со 7-1, мечот ќе биде запишан во историјата откако Србинот Лука Јовиќ стана најмладиот играч кој постигнал пет гола на еден меч во Бундеслигата.

Германија

Гол-шоуто на Комерцбанк Арена започна во 20. минута кога со помош на ВАР судијата покажа на белата точка а Алер донесе водство од 1-0.

Потоа на сцена стапи српската врска во Франкфурт, Гачиновиќ и Костиќ имаа двојно проигрување а убавата акција со мајсторски волеј ја заврши Јовиќ за 2-0 во 26. минута.

Во 34. минута, Јовиќ од врвот на шеснаесетникот погоди за 3-0 и најави тешка вечер за гостите од Дизелдорф. Алер зголеми на 4-0 во 50. минута, а 180 секунди подоцна Лукебакио постигна почесен гол за Фортуна.

За новиот гол не се чекаше многу, Јовиќ во 55. минута стигна до хет-трик, а истиот играч потоа уште два пати стрелаше прецизно за испишување на историја. Србинот стана најмладиот фудбалер кој постигнал пет гола на меч во Бундеслигата.