24фудбал

Два пресвртa, шест гола, црвен картон, тепачка и непостоечки пенал, возбудливо дерби на Северен Лондон (ВИДЕО)

Средбата помеѓу Арсенал и Тотенхем на Емирати понуди од се по нешто, на крајот „топчиите“ славеа со 4-2 и го прескокнаа лутиот градски ривал на табелата.

Англија

Возбудливо дерби на Северен Лондон, Арсенал и Тотенхем ги исполнија очекувањата на фудбалските фанови.

Мечот почна со доминација на Арсенал, домаќините поведоа со голот на Обамејанг од пенал а имаа и уште неколку добри прилики за втор погодок. Откако не ги искористија своите шанси, домаќините беа казнете по половина час игра.

Даер најдобро се снајде по еден прекин, а помогна и лошата интервенција на Лено, па резултатот беше изедначен. При прославата на голот, дојде до судир помеѓу фудбалерите на Тотенхем и резервистите на Арсенал кои се загреваа крај аут линијата, па настана мешаница на теренот.

Гостите добија крилја по овој гол, и во 34. минута стигнаа до предност. Сон падна како покосен, судијата покажа по втор пат на белата точка, но овој пат погреши откако повторените снимки покажаа дека немаше контакт по лизгачкиот старт на Холдинг. Кејн знаеше како да го искористи подарокот и ја реализираше најстрогата казна за 1-2.

На стартот од второто полувреме, Емери во игра ги вметна Рамзи и Лаказет, потег кој се покажа како клучен во продолжението од мечот.

Во 56. минута, Бељерин го уфрли Рамзи, кој потоа го проигра Обамејанг за напаѓачот без размислување од прва да пласира покрај стативата за 2-2. Велшанецот потоа забележа нова асистенција, во 76. минута од мечот украде една топка на средината од теренот и веднаш го проигра Лаказет, кој со помош на Даер ја смести топката во долниот агол од голот на Тотенхем за 3-2.

По овој гол гостите целосно се распаднаа и само 180 секунди подоцна одново капитулираа. Обамејанг додаде за Тореира, Даер излета во празно, па Уругваецотј го матираше Лорис за 4-2.

До крајот на мечот, Вертонген го заработи вториот жолт картон и беше исклучен по еден опасен старт врз Лаказет.