24фудбал

Интер во два наврати водеше на „Олимпико“, евроголот на Ундер и ВАР и донесоа бод на Рома (ВИДЕО)

Дербито во Рим помеѓу Рома и Интер заврши без победник, „нероаѕурите“ во два наврати водеа, но „волчицата“ стигна до бод со помош на ВАР.

Италија

Рома и Интер ги поделија бодовите во претпоследниот меч од 14. коло во Серија А. Гостите во два наврати водеа, но „волчицата“ се враќаше, најпрво со евроголот на Ундер а потоа и со помош на ВАР.

Резултатот беше отворен во 37. минута од мечот, Д’Амброзио испрати остар центаршут во петерецот а Кеита само постави нога и ја затресе мрежата на Рома.

На стартот од вториот дел, домаќините изедначија. Ундер испрати проектил од преку 25 метри, Хандановиќ не се помрдна и само беше гледач повеќе на „Олимпико“.

„Нероаѕурите“ се вратија во предност во 66. минута, по еден корнер од левата страна, Икарди скокна највисоко и донесе 1-2.

Рома сепак не се предаде и се избори за реми преку Коларов од пенал во 74. минута. Брозовиќ играше со рака во шеснаесетникот, судијата во прв момент не досуди ништо но со ВАР ги прегледа повторените снимки и покажа на белата точка. Хандановиќ го прочита Коларов, се фрли на правата страна но ударот на Србинот беше прецизен и силен, па мрежата на Интер по втор пат се затресе.