24фудбал

Јунајтед го сруши и Тотнем, Де Геа правеше чуда, а Солскјер испиша историја (ВИДЕО)

Манчестер јунајтед со 1-0 го победи Тотнем на негов терен, Давид де Геа имаше брилијантна партија, а Оле Гунар Солскјер стана првиот тренер на црвените ѓаволи кој победил на првите шест натпревари.

Англија

Продолжува победничката серија на Манчестер јунајтед, „црвените ѓаволи“ под водство на Солскјер се препородени, денеска го совладаа и Тотнем на Вембли.

Единствениот погодок падна во 44. минута, Погба фантастично асистираше до Рашфорд кој уште еднаш покажа каков стрелец е, даде гол кој значеше победа.

Тотнем имаше многу шанси за гол, но Манчестер јунајтед го имаше Давид Де Геа кој буквално правеше чуда на голот. Со неколку фантастични интервенции ги откажа домаќините и беше играч на натпреварот.

Ова беше шестата победа за Оле Гунар Солскјер со која стана единствениот тренер на Манчестер јунајтед со таков учинок на првите свои натпревари како тренер.

Со овие три бода Манчестер јунајтед се изедначи бодовно со Арсенал, позициите кои водат во Лигата на шампионите сега изгледаат достижно.