24фудбал

Јувентус сакал да направи хаос во Калчото со ангажман на Икарди, но кога се појави опција за Роналдо...

Спортскиот директор на „Бјанконерите“, Фабио Паратичи во разговор со Газета дело Спорт открива што се случувало зад сцената при трансферот на Кристијано Роналдо и како Јувентус стигнал до потписот на ЦР7.

Италија

Најголемиот трансфер минатото лето беше оној на Кристијано Роналдо, Португалецот по девет години го напушти Реал Мадрид и се пресели во Јувентус за 112 милиони евра.

Спортскиот директор на „Бјанконерите“, Фабио Паратичи сега открива што се случувало зад сцената. Една опција била да го ангажираат капитенот на лутиот ривал Интер, Мауро Икарди и да направат хаос во Калчото, но кога им станало јасно дека можат да го добијат Кристијано Роналдо, целиот фокус бил насочен кон ЦР7.

„Се започна кога игравме против Реал Мадрид на Бернабеу во Лигата на шампионите. Се сретнав со Жорж Мендеш, го пофалив Роналдо а тој ми одговори, „Можеби нема да ми веруваш, но ако Кристијано замине од Реал, сака да се пресели во Јувентус“. Тогаш почнав да ја студирам зделката“ – вели Фабио Паратичи во интервју за „Газета дело Спорт“.

„Кога го финиширавме трансферот на феноменалниот Жоао Кансело, Мендеш ме погледна и ми рече, „Ти текнува за што разговаравме? Роналдо заминува од Реал Мадрид и сака само преселба во Јувентус. Играше за Манчестер јунајтед, најголемиот клуб во Англија, сега е во Реал Мадрид. Сака да игра за клубови со историја и традиција. Никогаш не играл во Италија, сака да освои титула и во Италија, па ако го сакате, ваш е“.  Секако дека не заборавив за што разговаравме и секако дека го сакав Роналдо. Го прашав за какви суми разговараме а тој ми рече, „Ова е платата а ова е трансфер сумата“. Побарав неколку дена за да размислам, не му кажав веднаш НЕ бидејќи во тој случај сигурно веднаш ќе го понудеше на други клубови“.


„Многу работи ми поминаа низ глава. Го имавме Гонзало Игуаин кој требаше да го продадеме, но Роналдо е ѕвезда која ќе ни отвори нови хоризонти како технички така и комерцијални. По долго размислување, конечно се убедив дека мораме да се обидеме“.

„Се сретнав со Андреа Ањели и Павел Недвед. Освоивме седум Скудета во низа, и трагично бевме елиминирани од Лигата на шампионите, моравме да најдеме начин како да ги мотивираме играчите, па сите се сложивме дека мораме да приредиме позитивен шок“.

„Им кажав дека имам идеја, „Немојте да ми се смеете ниту пак да ме исфрлите од канцеларија. Имаме две опции: првата не можам да ви ја откријам, но втората е да го купиме Кристијано Роналдо“. Која беше првата опција? Да го ангажираме Икарди и да направиме хаос во Калчото. Им објаснив како Мендеш ми кажа дека Роналдо ќе потпише за нас доколку ги исполниме неговите барања и дека тој сака само трансфер во Јувентус. Андреа Ањели добро го познава фудбалот и бизнисот, и секогаш сака да го направи Јуве поголем. Па побара време да размисли. Ми се јави веќе попладнето, ми кажа уште еднаш да проверам со Мендеш дали бројките за кои говориме навистина се точни, и доколку е така, тогаш ќе го купиме“.