24фудбал

Се подготвува ли трансфер во лутиот ривал? Капитенот на Јуве почна да го следи Икарди на Инста! (ФОТО)

На Инстаграм, Џорџо Кјелини почна да го следи сега веќе поранешниот капитен на Интер, Мауро Икарди па дел од фановите ова го протолкуваа како сигнал за можен трансфер на Аргентинецот во Торино.

Италија

Се чини дека пукна тиквата помеѓу Икарди и Интер. „Нероаѕурите“ оваа недела решија да му ја одземат капитенската лента на напаѓачот, кој потоа одби да патува со тимот за гостувањето во Виена и дуелот со Рапид во Лига Европа.

Мауро Икарди наводно се жали на ситна повреда и е под голем знак прашалник за дуелот со Сампдорија во Серија А. Останува да се види дали двете страни ќе успеат да ги надминат недоразбирањата, но случувањата од изминатиот период укажуваат на „развод“ по крајот на сезоната.

Во екот на целиот хаос, денеска пристигна интересен сигнал од социјалните мрежи, капитенот на Јувентус, Џорџо Кјелини почна да го следи Мауро Икарди на Инстаграм.


Не е тајна дека „Бјанконерите“ посакуваат да го видат Аргентинецот во своите редови, самата Ванда Нара говореше за ваков трансфер во минатото а и спортскиот директор на Јувентус, Фабио Паратичи оваа недела потврди дека изминатото лето Мауро Икарди бил опција за нив се до моментот кога дознале дека можат да го купат Кристијано Роналдо.

Останува да се види каква ќе биде иднината на Мауро Икарди, напаѓачот има откупна клаузула од 110 милиони евра, која е активна во првите две недели од јули и важи само за клубовите надвор од Италија.