24фудбал

Фелипе се врати во Вардар: Дојдов за да ја вратиме титулата онаму каде што припаѓа!

Хуан Фелипе од денеска и официјално повторно е во Вардар, по неполна година помината во Казакстан во тимот на Каират, Бразилецот се врати во скопскиот клуб.

Македонија

Фелипе потпиша договор со Вардар до крајот на сезоната со надеж дека соработката ќе продолжи и во иднина. Клубот информира дека пристигна и потребниот сертификат, па тој ќе има право на настап уште на првиот меч во пролетниот дел од сезоната.

„Иако десетина месеци не бев дел од Вардар, се чувствувам како никогаш да не сум заминал.  Ова е мојот дом, го сакам клубот, ги сакам навивачите „Комити“ од кои верувам дека ќе ја имаме поддршката на секој натпревар. Се враќам во добро позната средина. Гледам дека се сменија некои работи од минатата година до сега, сепак, добро се познавам со дел од играчите. Верувам дека повторно одлично ќе соработуваме, и се надевам на добри игри“, рече Фелипе, за официјалниот сајт на Вардар.

„Се вратив за повторно да се обидеме да дојдеме до титулата, и да ја вратиме онаму каде што припаѓа. Ќе биде тешко во пролетниот дел, но ќе се бориме, и јас се надевам и посакувам со добри игри и со добри резултати, повторно да бидеме на првото место на крајот од сезоната. Некои од играчите се нови, јас не ги знам, меѓутоа поголемиот дел ги познавам. Вардар има квалитет, Вардар секогаш оди на победа, на прво место, и така ќе биде и во овој втор дел од сезоната“.