24фудбал

Ангеловски: Да го наполниме стадионот и да го поздравиме 100. натпревар на Горан Пандев

Селекторот на македонската фудбалска репрезентација, Игор Ангеловски го објави списокот за престојните квалификациски натпревари за ЕП 2020 против Летонија и Словенија.

Македонија

Македонија ги почнува квалификациите за Европското првенство, селекторот Ангеловски денеска го објави списокот на фудбалери на кои ќе смета за натпреварите против Летонија и Словенија.

Во составот нема големи промени, натпреварите ги пропушта Аријан Адеми кој правеше операција, а под знак прашалник се Спировски и Тричковски. Во тимот се враќа Дарко Велковски, а повик добија и Кире Маркоски и Дарко Чурлинов.

„Како што и претходно имам кажано, не сакам да правам големи промени во составот. Мислам дека сме добро воиграна репрезентација која знае што сака на теренот. Сега се фокусираме на првиот натпревар против Летонија. Тие имаат нов селектор, но фудбалерите им се тие, претежно од нивното домашно првенство. Имаме време добро да се подготвиме, сакаме квалификациите да ги почнеме со победа“, вели селекторот Ангеловски.

„Не можеме да сметаме на Аријан Адеми кој правеше операција. Спировски и Тричковски се враќаат од повреди и не знаеме дали ќе бидат подготвени за настап. Ако не бидат подготвени, дополнително ќе одлучиме дали ќе повикаме нови фудбалери на нивно место“.

Горан Пандев против Летонија ќе го одигра јубилејниот 100. натпревар во националниот дрес, селекторот повика навивачите да дојдат на стадионот и да го поздрават најдобриот македонски фудбалер на сите времиња.

„Кога ќе го спомнеме името на Горан Пандев тоа значи многу, најдобриот македонски фудбалер на сите времиња. Знаеме кој е тој и што направил. Сите ќе го дадеме максимумот неговиот јубилеј да го зачиниме со победа. Апелирам до публиката да дојде во голем број и да го поздрави Горан Пандев. Кога може во Италија 70.000 луѓе на нозе да станат и да го поздрават, зошто ние да не можеме да го наполниме стадионот во негова чест“.

Македонија на 21. март ја пречекува селекцијата на Летонија, а на 24. март гостува на Словенија.

Влезниците за натпреварот меѓу Македонија и Летонија се пуштени денес по цена од 150 денари. 

Списокот на повикани фудбалери: