24фудбал

Зошто Тотнем, Арсенал, Челси и Манчестер јунајтед ќе сакаат Манчестер Сити да го освои ФА Купот

Разврската во ФА Купот ќе влијае врз пласманот на клубовите од Англија во Лига Европа, па Тотнем, Арсенал, Челси и Манчестер јунајтед ќе сакаат нивниот лут ривал да го подигне трофејот од најстарото фудбалско натпреварување.

Англија

Битката за топ четири пласман во Премиерлигата ќе се води до последното коло, дури четири тима атакуваат за две позиции. Во моментов Тотнем и Арсенал ги окупираат овие места, но бодовната предност во однос на Манчестер јунајтед и Челси е минимална.

Па два клуба на крајот ќе се радуваат, а два ќе мора да се задоволат со настап во Лига Европа. Ситуацијата на тимот кој ќе заврши како шести може дополнително да се искомпликува и многу работи ќе зависат од тоа кој ќе го освои ФА Купот.

Доколку Манчестер Сити триумфира во најстарото фудбалско натпреварување, тогаш и шестото место од Премиерлигата ќе добие директен настап во групната фаза од Лига Европа. Тоа значи одврзани раце за планирање на подготовките и летните турние кои носат десетици милиони евра во клупската каса.

Но доколку некој од Брајтон, Ватфорд или Вулверхемптон приреди изненадување, еден од Тотнем, Арсенал, Челси или Манчестер јунајтед ќе биде приморан многу порано да започне со подготовките за новата сезона и да откаже дел од планираните активности, ситуација која никој од гигантите не ја сака па веројатно сите ќе стискаат палци Манчестер Сити да го освои ФА Купот.