24фудбал

Ангеловски: Целта е остварена, сега се фокусираме на Словенија

Селекторот на македонската репрезентација, Игор Ангеловски е задоволен од стартната победа над Летонија иако смета дека требале порано да го решат мечот.

Македонија

Македонија со 3-1 ја победи Летонија на стартот од квалификациите за Европското првенство 2020. Алиоски постигна еден погодок, Елмас два, а Пандев го одигра 100. натпревар за Македонија.

Во финишот од мечот Македонија прими гол за 2-1 и се влезе во неизвесна завршница која беше прекината кога Елмас го постави конечниот резултат. Мисијата е исполнета, трите бода се освоени, на ред е Словенија.

„Фудбалерите на најдобар начин му го честитаа јубилејот на Горан Пандев, среќни сме поради победата. Елиф Елмас беше одличен, со два гола му честиташе на батко Горан. Најважно е што ги освоивме трите бода, мислам дека заслужено победивме“, вели селекторот Ангеловски по мечот.

„Мислам дека моравме и порано да го решиме натпреварот, но на крајот добро се заврши. Без еуфорија, смирено одиме на следниот меч, сега во фокусот ни е Словенија и сакам да ги повикам нашите иселеници таму да дојдат и да ни дадат поддршка“.