24фудбал

По освоеното Скудето и новиот рекорд, Роналдо се огласи и кажа дали заминува од Јувентус

Кристијано Роналдо молчеше по елиминацијата од Лигата на шампионите, но вечерва откако Јувентус го осигура Скудетото, Португалецот се огласи и порача дека и следната сезона ќе го носи дресот на „бјанконерите“.

Италија

„Старата дама“ вечерва се радува на рекордно осмо Скудето во низа откако со триумф од 2-1 над Фиорентина ја осигура новата титула во Серија А.

Успехот значи и нов рекорд за Кристијано Роналдо, кој стана првиот играч кој може да се пофали со шампионски трофеј во Англија, Шпанија и Италија.

За разлика од елиминацијата во Лигата на шампионите кога ЦР7 ги одмина новинарите во микс зоната без да даде интервју, Португалецот вечерва се огласи и ги прокоментира гласините за можно заминување.

„Дали и селдната сезона ќе бидам дел од Јувентус? Секако, 1000%“ – порача Кристијано Роналдо во разговор со ДАЗН.

„Многу сум среќен, најпрво поради освоеното Скудето, а потоа и за тоа што станав првиот играч кој освоил титула во Премиерлига, Ла Лига и Серија А. Не успеавме да ја освоиме Лигата на шампионите, но ќе бидеме подобри следната сезона“.

За Скај Спорт потоа додаде: „Според мене, имав многу добра прва сезона и се адаптирав одлично. Го освоивме Скудетото и Супер купот на Италија, што не е лесно. Ова беше година на успех, среќни сме. Не можеме секогаш да победуваме. Мислам дека можевме повеќе во Лигата на шампионите и секако сакавме да направиме нешто повеќе, но само еден тим може да го освои трофејот. Следната сезона е нова страна“.