24фудбал

Баерн Минхен почнал преговори со Лопетеги?

Извесно е дека Баварците на лето ќе се разделат со Ковач за кого има поделени мислења откако Хрватот го презеде кормилото на германскиот првак, од него се очекуваше многу, но, резултатите се чини дека се минимални според раководството на клубот.

Германија

Германскиот првак Баерн Минхен одржува тајни средби со поранешниот селектор на Шпанија, како и екс тренер на Реал Мадрид, Хулен Лопетеги, пишува Ел Мундо Депортиво.

Лопетеги одреден период е без ангажман откако доби отказ од клупата на Реал Мадрид кон крајот на октомври ланската година, отказот го доби по петардата на Ел Класико од Барселона, оставајќи ги Кралевите на деветтото место на табелата во Примера по десет натпревари.

Шпанската фудбалска федерација одлучи да го отпушти на само два дена пред воведниот меч на Мундијалот во Русија ланската година против Португалија, откако Лопетеги беше назначен за тренер на Реал Мадрид без нивно знаење.

Свежите информации поврзани со неговата иднина, говорат дека спортскиот директор на Баварците, Хасан Салихамиџиќ отпатувал за Мадрид да разговара со Лопетеги, а воедно да се запознае со тоа какви се можностите тој да го наследи Нико Ковач на лето на позицијата шеф на стручниот штаб на Баерн Минхен.

Се вели дека можноста повторно да соработува со Тијаго Алкантара, кого го предводеше во шпанскиот национален состав за фудбалери до 21 година, би било доволно за Лопетеги да биде отворен за оваа опција.