24фудбал

Мурињо: Оваа ремунтада има едно име - ЈИРГЕН, го доби натпреварот со душа и срце а не тактика!

Жозе Мурињо упати многу пофални зборови за Јирген Клоп откако Ливерпул вечерва приреди чудо, со 4-0 ја победи Барселона и се пласираше во финалето од Лигаа на шампионите.

Лига на Шампиони

„Црвените“ вечерва беа пред невозможна мисија, требаше да надополнат негатива од 3-0 и тоа без двајца клучни играчи, Мохамед Салах и Роберто Фирмино. Ливерпул не се предаде и режираше историски кам-бек совладувајќи ја Барселона со 4-0.

Жозе Мурињо, кој во минатото често знаеше да испрати провокација до Јирген Клоп или да го пецне Германецот, вечерва му симна капа.

„Не го очекував ова, но кажав дека се може да се случи. Кажав дека ако може да се случи чудо, Енфилд е местото за тоа“ – вели Португалецот.

„Морам да признам, за мене оваа ремунтада има едно име - ЈИРГЕН“.

„Ова нема врска со тактикa или филозофија, го доби натпреварот со душа и срце. Креираше фантастична емпатија со оваа група на играчи. Ризикуваа да ја завршат оваа извонредна сезона без да се радуваат на трофеј, и сега се на чекор да станат Европски шампион и мислам дека Јирген го заслужува тоа, работата која ја заврши во Ливерпул е фантастична“.

„Натпреварот го рефлектира неговиот карактер, никогаш не се откажува има борбен дух. Играчите го дадоа максимумот, не се откажаа. Тој не плаче дека има многу натпревари или дека има повредени играчи“.

„Ова денеска што го видовме е дело на менталитетот на Јирген“.