24фудбал

„Со денови не спиев, никогаш не ми било потешко“ – Тите го обелодени составот на Бразил за Копа Америка и го изостави херојот на Тотнем

Селекторот на „кариоките“, Тите го обелодени составот на Бразил за Копа Америка, има неколку изненадувања и две големи отсуства како Фабињо од Ливерпул и Лукас Мура од Тотнем.

Јужна Америка

Бразил од 14. јуни до 7. јули ќе биде домаќин на Копа Америка и селекторот Тите денеска ги откри адутите. Во неговиот состав има неколку изненадувања и две големи отсуства како Фабињо од Ливерпул и Лукас Мура, кој со хет-трик во Амстердам го однесе Тотнем во финале од Лигата на шампионите.

Токму Давид Нерес од Ајакс доби шанса во офанзивата, а по повеќе од една година во тимот се враќа Фернандињо, што значеше дека нема место за Фабињо.

„Никогаш не ми било потешко да го составам списокот. Со денови не спиев“ – вели Тите.

„Фабињо игра фантастично со месеци. Ми беше навистина тешко да изберам... Но имаше место само за двајца од Касемиро, Фернандињо и Фабињо. Сите тројца се одлични, боли што морам некого да изоставам но таква е мојата работа“.

Првата ѕвезда на „кариоките“, Нејмар го предводи списокот од 23 имиња на кој има дури 14 фудбалери кои минатото лето потфрлија на мундијалот во Русија.