24фудбал

Нов договор за Ангеловски, останува селектор на Македонија до декември 2020

Фудбалската федерација на Македонија соопшти дека селекторот Игор Ангеловски добил нов договор и се обврзал кон „црвено-жолтите“ до декември 2020.

Македонија

Во пресрет на дуелите со Полска и Австрија во квалификациите за Европското првенство, од ФФМ пристигна информација дека Игор Ангеловски ставил потпис на нов договор. Селекторот на Македонија сега е обврзан кон „црвено-жолтите“ до декември 2020 година.

„Претседателот на Фудбалската федерација на Македонија, Муамед Сејдини и селекторот на македонската А репрезентација, Игор Ангеловски ги договорија условите за продолжување на договорот на Игор Ангеловски на селекторското место во нашата најдобра репрезентација. Предводникот на македонската репрезентација, Игор Ангеловски ќе биде на позицијата селектор до декември 2020. година. Досегашниот договор со Ангеловски беше со важност до ноември оваа година“ – гласеше известувањето.

Игор Ангеловски, кој ја предводи Македонија од 2015, во март може да испише историја и преку плеј-офот во Лигата на нации да ни донесе учество на Европско првенство.

„Благодарност до претседателот Сејдини и до управниот одбор за довербата. На сите можам да им ветам дека и во иднина ќе го давам својот максимум со цел репрезентацијата да напредува, како што доликува на квалитетот на фудбалерите кои ги имаме во своите редови. За мене репрезентацијата е многу повеќе од селекторско место. Нема ништо посвето од тоа да го водиш националниот тим, а уште повеќе кога работиш со вакви фудбалери и соработници. Задоволен сум од она што го постигнавме во изминатиот период, но секогаш се стремиме кон подобро. Следните предизвици ќе бидат уште потешки, но верувам во себе и во квалитетите на фудбалерите. Тие се најзаслужните за резултатите и се надевам дека заеднички на крајот ќе ја оствариме толку посакуваната цел и ќе славиме пласман на големо натпреварување“ – вели селекторот на Македонија.

За новиот договор на Игор Ангеловски, првиот човек на ФФМ, Муамед Сејдини рече: Со постигнатите резултати во изминатиот период Игор Ангеловски апсолутно ја оправда нашата доверба и го потврди вистинскиот избор на Управниот одбор на федерацијата. Постигнатиот договор за продолжување на соработката сведочи дека имаме заеднички интерес, а тоа е успех на македонската репрезентација. Ние како раководство на федерацијата, на Игор и на сите во репрезентативниот тим ќе им осигураме максимални услови за работа и подготовка, сѐ со цел да се остварат резултатите кои ги посакуваме. Јасно е дека добриот резултат е единственото мерило за успех и искрено се надевам дека ќе продолжиме во таа насока. Посакувам многу среќа и успех во натпреварите“.