24фудбал

Лопетеги не се штеди за Елмас, Севиља во пакет со понудата го вметна и Кјаер

Поранешниот шеф на стручниот штаб на Реал Мадрид, сега на чело на кормилото на Севиља, Хулен Лопетеги силно го посакува нашиот 'фудбалски бисер' во својот тим, а веќе испратил и конкретна понуда.

Македонија

Турски „Хуријет“ пишува дека најсериозната понуда за нашиот фудбалер од редовите на Фенербахче, Елиф Елмас пристигнала од Севиља, откако клубот од Примера наводно освен парична понуда, во пакет вметнал и фудбалер.

Според тие информации, Севиља нуди 15 милиони евра за Македонецот, а дополнително во пакет од понудата го вклучува и Симон Кјаер.

„Хуријет“ понудата од Севиља ја коментира како „луда“, а тоа е така поради вредноста на Кјаер на трансфер пазарот, која изнесува околу 8 милиони евра, па така, доколку се сумира, вкупната понуда би изнесувала околу 23 милиони евра.

Од тоа што дополнително го споменуваат во Турција, тамошните медиуми пишуваат дека Севиља дополнително му нуди на Фенербахче договор за 10% од евентуалната идна продажба на младиот Македонец, а наводно спортскиот директор на турскиот прволигаш, Дамиен Чомоли не е убеден во тие услови, па така сака да достигне до 20% од евентуалната идна продажба на Македонецот.

Севиља не е единствената екипа заинтересирана за услугите на Елмас, за кого интерес пријавуваат и Атлетико Мадрид, Фиорентина, Интер, Тотнем, Борусија Дортмунд, како и Манчестер Сити.