24фудбал

Атлетико се налути: Барселона лаже, поради тоа што покажа непочитување ќе мора да плати 120 милиони евра во кеш за Гризман

„Колчонероси“ жестоко реагираа на денешните изјави на првиот човек на Барселона, Жозеп Мариа Бартомеу, ги обвинија „каталонците“ дека лажат и порачаа дека Антоан Гризман ќе замине само доколку во кеш биде платена откупната клаузула.

Шпанија

Претседателот на Барса, Жозеп Мариа Бартомеу откри дека синоќа имало средба со Атлетико Мадрид за да се разговара за трансферот на Антоан Гризман. Тој исто така нагласи дека вчера за прв пат бил остварен контакт со Французинот.

Ова второто особено ги налути „колчонероси“ кои жестоко реагираа и обвинија дека Барселона лаже бидејќи уште во март паднал договор помеѓу клубот од Камп Ноу и напаѓачот.

„На 14. мај, Антоан Гризман го извести Мигел Анхел Хил, Диего Симеоне и Андреа Берта за неговата одлука да го напушти клубот. Во деновите кои следеа по оваа средба, Атлетико дозна дека Барселона и играчот се договориле уште во март, или поточно, само неколку дена по нашиот реванш против Јувентус во Лигата на шампионите, и дека преговорите започнале уште на средината од февруари. Од она што го кажа Жозеп Мариа Бартомеу, точно е само тоа дека вчера имаше средба помеѓу Мигел Анхел Хил и Оскар Грау и тоа на барање на Барселона. Господинот Грау побара, сега откако откупната клаузула на Антоан Гризман падна од 200 на 120 милиони евра, сумата од 120 милиони евра да биде платена на рати. Секако, одговорот на Атлетико беше негативен бидејќи веруваме дека Барселона и играчот покажаа непочитување кон Атлетико и нашите фанови“ – се вели во соопштението.

Клубот од Ванда Метрополитано исто така пренесе дека му дал инструкции на Антоан Гризман во недела да се појави на стартот на подготовките за новата сезона.