24фудбал

Бејл не ни помислува да се пресели на Далечниот Исток

Шпекулациите велеа дека кинескиот клуб има фантастична понуда до Велшанецот која изнесувала 1,2 милион фунти на неделно ниво, меѓутоа, Реал Мадрид не би добил ништо друго, освен тоа што би се ослободил од „вишокот“ во својот состав.

Шпанија

И покрај тоа што има речиси невозможна мисија во Реал Мадрид, Герет Бејл продолжува да тера инает со шпанскиот гигант кој очајно сака да се ослободи од „вишокот“ трошоци во својот тим, па така Велшанецот ја одби единствената опција за него ова лето, барем засега, а тоа е Кина.

Бројни медиуми известија дека офанзивецот добил понуда од соништата на финансиски план од клуб во кинеската Суперлига, меѓутоа името на клубот не беше обелоденето, сепак, Велшанецот не ни помислува да се пресели на Далечниот Исток, а тоа донесе нови главоболки во таборот на Кралевите, особено кај Зидан.

„Марка“ известува дека во случај тој да го напушти Реал Мадрид, тоа би го сторил доколку се работи за друг гигант од некој од големите европски лиги.

Во меѓувреме, Бејл ја доби првата битка со Реал Мадрид за да остане во клубот откако се најде во авионот за Канада за претсезонските подготовки на клубот, тој знае дека времето е на негова страна, трансфер периодот за Премиерлигашите завршува на 8. август, а тоа е доволен период за работите да се променат.

Ќе потсетиме дека „Марка“ уште во мај посочи дека идејата на Бејл е да остане во Реал Мадрид и да го одработи својот договор кој има важност уште три години, не постојат понуди на негова адреса, па така тој и натаму ќе заработува 17 милиони евра на годишно ниво, сума кој секако не му дава ниту да помислува на заминување од шпанската престолнина.