24фудбал

Барса нема пари да го купи Гризман, на вработените во клубот им доцнела јунската плата?!

„Каталонците“ се уште ја немаат активирано откупната клаузула на Антоан Гризман па медиумите шпекулираат зошто се одложува трансферот, една теорија е дека Барселона нема пари и бара помош од банките.

Шпанија

Антоан Гризман треба да се пресели на Камп Ноу, шпекулациите велеа дека Барселона ќе го купи Французинот на стартот од оваа недела или најдоцна до среда, но и денеска нема никаков абер.

Атлетико Мадрид одбива да преговара, или поточно да прифати исплатата на сумата од 120 милиони евра да биде извршена на неколку рати, па „каталонците“ ќе мора да ја активираат откупната клаузула.

Чекот од 120 милиони евра се уште не е пристигнат во канцелариите на Ла Лига, па има најразлично приказни за одложувањето. Една теорија е дека Барса во моментов нема доволно пари на сметка за да искешира 120 милиони евра.

Марка и АС пренесуваат дека лидерите на Барселона се во контакт со банки за да обезбедат средства и гаранции. АС вели дека проблемот со кеш на Камп Ноу е до тој степен што платата на вработените за месец јуни доцнела три дена.

Спорт пак пишува дека застојот се должи на тоа што Барса бара идеална формула за начинот на кој да се реализира трансферот и пристапува претпазливо бидејќи се работи за скапа зделка.

Весникот вели дека идејата е самиот Антоан Гризман да ја плати сумата од 120 милиони евра и да си ја купи слободата, а потоа Барселона да го компензира. Па сега се пеглаат сите детали за ниту играчот ниту клубот да не си направат проблем со даночните власти и да не бидат изложени на дополнителни трошоци.