24фудбал

По Јовиќ, Ајнтрахт дебело наплати на уште еден напаѓач, Вест Хем го купи Алер за рекордни 50 милиони евра

Ајнтрахт Франкфурт направи уште една одлична зделка, „орлите“ го продадоа Себастијан Алер на Вест Хем за 50 милиони евра, рекордна сума кога се во прашање „чеканите“.

Англија

Бундеслигашот ова лето веќе еднаш дебело наплати и го продаде Лука Јовиќ на Реал Мадрид за 60 милиони евра. Сега лидерите на Ајнтрахт Франкфурт направија уште една одлична зделка која убаво ќе ја наполни клупската каса.

Напаѓачот Себастијан Алер е продаден на Вест Хем, „чеканите“ за да го ангажираат Французинот го соборија клупскиот рекорд и платија 40+5 милиони фунти односно 45+5 милиони евра.

„Орлите“ го донесоа напаѓачот во своите редови пред две сезони од Утрехт и тоа за само 7 милиони евра.

Себастијан Алер со Вест Хем стави потпис на петгодишен договор со опција за уште додатни 12 месеци, а за новата авантура во кариерата рече: „Ова е навистина добра прилика за мене. Ми значи многу тоа што сум рекордно засилување. Ја почувствував желбата на клубот да ме ангажира и навистина сум среќен што потпишав. Ова е амбициозен клуб, убав град со одлични фанови“.

„Можам да ви гарантирам дека ќе дадам 100% за клубот бидејќи клубот покажа голема доверба во мене. Знам дека трансферот е голем и ќе се очекува многу од мене. Јас само сакам да ги направам луѓето горди и ќе го дадам максимумот секогаш кога ќе истрчам на терен“.