24фудбал

Дали Кутињо со своите потези навести заминување од Барселона? (ФОТО)

Барселона вели дека Филипе Кутињо останува, агентот на играчот инсистира дека не бара друг клуб, но одредени потези на Бразилецот како да навестуваат заминување од Камп Ноу.

Шпанија

Филипе Кутињо не ги оправда очекувањата по трансферот од Ливерпул кој до сега ја чини Барселона 135 милиони, а може да се искачи и до 160 милиони евра.

Се почесто се шпекулира за негово заминување, редовно Бразилецот се посочува како играч кој е понуден како дел од зделката со која Нејмар треба да се врати на Камп Ноу. 

Официјалниот став на Барселона е дека Филипе Кутињо не е на продажба, а и неговиот агент вели дека нема преговори и не се бара нов клуб за плејмејкерот.

Но одредени потези на играчот како да навестуваат дека тој заминува. На профилот на Филипе Кутињо на Инстаграм повеќе не пишува дека тој е играч на Барселона. Исто така е променета и сликата на профилот, порано беше во боите на „каталонците“ а сега во боите на Бразил.

Секако ова може да е само коинциденција со оглед на тоа дека Филипе Кутињо до пред недела дена беше на настап со „кариоките“ и сака да го одбележи триумфот кој Бразил го забележа на Копа Америка пред домашната публика.

Но не се само социјалните мрежи, медиумите од Шпанија велат дека Филипе Кутињо се уште ги нема запишано своите деца во училиште во Барселона, или барем не во она во кое тие учеле до сега.