24фудбал

„Ти посакуваме да блескаш сјајно каде и да одиш“ – Фенербахче ја потврди разделбата со „дијамантот“ Елмас

Фенербахче доцна вечерва соопшти дека Елиф Елмас го напушта клубот и започнува нова авантура, клубот од Истанбул има договор со Наполи за трансфер на Македонецот.

Италија

По десетина дена шпекулирање и голем број на стории, конечно пристигна официјална потврда. Фенербахче доцна вечерва соопшти дека Македонецот започнува нова авантура.

„Ти посакуваме да блескаш сјајно каде и да одиш“ – напиша Фенербахче во постот на социјалните мрежи со кој пренесе за разделбата со „дијамантот“ Елиф Елмас.

Во краткото соопштение во кое нема детали за зделката се вели: „Постигнат е договор со Наполи за трансфер на Елиф Елмас. Играчот ќе отпатува за Италија и откако ќе ги помине лекарските прегледи ќе потпише за новиот клуб. Му благодариме на Елмас за придонесот кој го дада, тоа што беше горд навивач на Фенербахче, тоа што успешно го носеше грбот на клубот и што беше лојален на нашите бои. Ти посакуваме многу успеси во иднина“.

Се верува дека Наполи ќе плати 16 милиони евра, плус уште неколку додатни милиони во бонуси. Со вакви бројки, Елиф Елмас ќе биде рекорден трансфер на македонски фудбалер, но и рекордна продажба на Фенербахче.