24фудбал

Не му доаѓа памет, Дембеле им се криел на лекарите на Барселона и пет часа спиел на аеродром

Осман Дембеле минатата сезона вети дека ќе го поправи однесувањето и ќе се стави во ред но очигледно на Французинот не му доаѓа памет, медиумите пишуваат дека напаѓачот во саботата им се криел на лекарите на Барселона и пет часа спиел на аеродром.

Шпанија

„Каталонците“ синоќа соопштија нови лоши вести, Осман Дембеле ја повредил задната ложа на левата нога и ќе паузира околу пет недели.

Но исто толку загрижувачки се и вестите кои пристигнаа утрово за тоа што се случувало изминативе денови. Неколку извори од Шпанија пишуваат дека Французинот се пожалил на болка по крајот на дуелот со Атлетик Билбао во петокот, па лекарскиот тим на Барселона закажал прегледи за во сабота.

Сепак, во саботата играчот не се појавил, а бил недостапен и на мобилниот. Марка вели дека Осман Дембеле намерно го исклучил телефонот, и им се криел на лекарите бидејќи требал да патува во Сенегал со својот брат, и не сакал да го пропушти летот.

„Ел Чирингито“ пак додава дека напаѓачот дури пет часа спиел на аеродром. Приватниот лет со кој тој и неговиот брат требал да патуваат бил закажан за 10 часот утрото во саботата, но авионот полетал дури во 15 часот.

Кога Осман Дембеле вчера се појавил на тренинг, веднаш му биле направени тестови кои покажале сериозна повреда.