24фудбал

24ФУДБАЛ СКАУТ ФАНТАЗИ: Внимавајте на Марсијал, настапува како напаѓач, се води како фудбалер од средниот ред

Во пресрет на третото коло во Премиерлигата кое се игра претстојниов викенд, анализираме како до трката по повеќе бодови во „Фантази Премиерлигата“, место кое стана вообичаено за собир на милиони љубители на најсилниот фудбалски шампионат на Островот.

Останато

Со мечот помеѓу Астон Вила и Евертон утревечер стартува третата рунда натпревари во Премиерлигата, првото коло помина доста добро за многумина и според очекувањата, меѓутоа остана дилемата за клин шит варијантата која во два наврати пропадна за таквите кои веруваа во одбраната на Ливерпул, за Манчестер Сити остана половичен ефект по тоа прашање, меѓутоа тимот на Гвардиола имаше дерби пресметка со Тотнем во второто коло.

Многу експерти чии анализи се прикажуваат на официјалниот сајт на „Фантази Премиерлигата“ ги предупредуваа натпреварувачите да ја сочуваат првата трансфер опција за второто коло, односно да не менуваат ништо, тоа практично се покажа како точен совет, меѓутоа, во битката за бодови постојано се прават неизбежни промени, кои соодвестуваат секако и со можните повреди кај селектираните фудбалери.

ГОЛМАНСКА ПОЗИЦИЈА: Едерсон е скап избор, но ветува многу

ЕДЕРСОН (6,1)

По воведните две кола се постави голема дилема околу дефанзивната линија на Ливерпул, дополнително ситуацијата се отежна со повредата на Алисон, „Редсите“ не само што не успеаа да ја сочуваат мрежата од голот во дуелот со Норвич (4-1) во воведното коло, „капитулираа“ во одбраната и на гостувањето кај Саутемптон (1-2). Двете победи се запишани зад контото на тимот на Клоп, меѓутоа ние останавме со помалку бодови очекувајќи Ливерпул да не прими гол на натпревари каде требаше тоа да се случи.

Давид Де Хеа сигурно е исто така интересна опција на голманската позиција, дополнителна мотивација секако е распоредот на Манчестер јунајтед на стартот од новата сезона, меѓутоа во тимот од „Олд Трафорд“ има неколку интересни опции на останатите позиции кои секако би ги искористиле во продолжението од сезоната, без притоа да добиваме пенали на повеќе трансфери од предвиденото.

Од тука тргнуваме со Едерсон Мораеш од Манчестер Сити, најскапиот голман со растечка цена од 6 на 6,1. Веројатно Бразилецот е најпосакуван избор во моментов, за тоа сведочи и статистиката која говори дека дури 22,7% од натпреварувачите го имаат во својот состав.

 

ОДБРАНА: Дилеми за настапот на Дињ, но Французинот работи под полна пареа на тренинзите

ДИЊ (6) / ЗИНЧЕНКО (5,5) / АЛЕКСАНДЕР-АРНОЛД (7) / Шо (5,5)

Се појавија големи дилеми околу тоа дали францускиот бек ќе настапи на гостувањето кај Астон Вила, Евертон веќе имаше два меча без примен гол, а во второто коло во минималната победа против Ватфорд, токму Лукас Дињ беше асистентот, што беше доволно за негов влез во дрим тимот на колото.

Сепак, иако предвреме го напушти мечот со Ватфорд поради повреда, Дињ се појави веднаш на тренинзите на клубот од „Гудисон Парк“, па постои голема веројатност тој да настапи утревечер, против екипа која забележа два порази од исто толку меча.

Олекс Зинченко по добивањето на дресот со број „11“ стана практично добар избор на левата бековска позиција кај шампионот Манчестер Сити, а неговата примамлива цена секако донесе привлечност кај натпреварувачите, иако Пеп Гвардиола знае да изненади со неговите неверојатни ротации кои ги прави во тимот, што е мало предупредување за сите оние кои сакаат да го селектираат, меѓутоа да се селектира релативно стандарден фудбалер на бековска позиција во офанзивен тим како Манчестер Сити е добар ризик.

На Александер-Арнолд му даваме предност во однос на неовиот соиграч Робертсон, станува збор за доста активни бекови по своите странични позиции кои често се закана по голот на противникот, меѓутоа Трент Александер-Арнолд е фудбалерот кој изведува прекини, а има повеќе негови соиграчи кои истите можат да ги претворат во гол, Робертсон во воведните две кола е доста повлечен, па така ќе го оставиме на „стенд-бај“ за ова коло.

Лук Шо е доста интересна опција од одбраната на Манчестер јунајтед, освен што можете до клин шит, можете и до асистенција од бекот кој е сигурен избор во составот на Оле Гунар Солскјер. Шо веќе собра 8 бодови од двата меча, па иако Ван-Бисака импресионираше во првото коло, во второто се здоби и со жолт картон, предност во ова коло, а веројатно и на подолг рок ќе му дадеме на Шо, дополнителна мотивација за таквиот потег е секако цената на самиот фудбалер.

 

СРЕДЕН РЕД: Марсијал се истакнува, а освен добрите изданија на Французинот, има и една голема причина зошто да го селектирате

СТЕРЛИНГ (12,2) / МАРСИЈАЛ (7,7) / САЛАХ(12,5) / МЕКГИН(5,6) / ЛАМЕЛА (6)

Веројатно ретко кој натпреварувач стартуваше без Рахем Стерлинг и Мо Салах во новата сезона, ако е така, сигурно таквите имаат за што да жалат, Стерлинг веќе постигна четири погодоци, а Салах во првото коло имаше гол и асистенција, сепак, остана во сенка во второто коло каде немаше значаен допринос во победата на Ливерпул кај Саутемптон со 1-2, каде се истакна  Мане со гол и асистенција. Веројатно Мане е исто така добар избор, Салах вообичаено не се истакнува на дерби пресметките, меѓутоа станува збор за константен избор и редовен изведувач на прекините, особено пеналите, а Арсенал со одбраната која ја поседува сигурно ќе биде добар плен за Египјанецот.

Ентони Марсијал е фудбалерот кој едноставно морате да го имате ова коло, а веројатно и на подолг рок, освен тоа што Французинот тргна со два гола во новата сезона, има една голема причина зошто да го селектирате, тој всушност се води како играч од средниот ред, меѓутоа во пракса на теренот настапува како напаѓач во тимот на Оле Гунар Солскјер, а фудбалерите од средниот ред добиваат значајно поголеми бодови од оние во нападот. Марсијал ќе има прилика против Кристал Палас, и тоа на „Олд Трафорд“ арената да го продолжи своето гол-шоу. Сосема очекувано, цената на Французинот растеше од коло во коло, па наместо почетната 7,5 сега истата изнесува 7,7.

Џон МекГин тргна одлично на индивидуално ниво, меѓутоа колективно истото не важи за Астон Вила која врза два порази, од кои едниот во првото коло кај  Тотнем (3-1) каде токму МекГин беше стрелец на голот за водство на гостите, сепак, во второто коло иако ги одигра сите 90 минути против Борнмут (1-2) на домашен терен не успеа да реализира ниту асистенција, ниту погодок, меѓутоа неговата одлична цена ни дава за право да го селектираме и да очекуваме нови бодови од него, дури и да не дојде до тоа, сепак, со оглед на фактот што мораме да одбереме фудбалер со пониска цена од претходно наведените, веројатно тој е солиден избор. Кога говориме за фудбалер со ниска цена и истовремено можност за бодови од таквиот избор, внимавајте и на Калум Робинсон (5,5) од Шефилд јунајтед, фудбалерот кој практично е најопасниот фудбалер во офанзивната игра на неговиот тим, Лестер не е екипа која може да се пофали со добра одбрана. Иако неговиот настап во сабота е под знак прашалник, постојат многу позитивни најави дека тој сепак ќе настапи, за што сведочи и неговата изјава во која наведе дека статусот му е одличен и не станува збор за посериозна повреда.

Доаѓаме до  Ерик Ламела, Аргентинецот освен што погоди во ремито на Тотнем кај Манчестер Сити (2-2), беше и асистент, па така собра феноменални 12 бодови од дербито против силниот состав на Гвардиола, токму него ќе го селектираме и покрај фактот што има конкуренција во  новајлијата Ло Селс, веројатно причина плус за дополнителна мотивација за докажување кај него. Ламела играше 87 минути во првото, односно три минути помалку во второто коло од Премиерлигата. Ранливиот во одбрана,  Њукасл е убава можност за нови бодови зад контото на Ламела кој притоа важи и за фудбалер кој ги зведува прекините во редовите на Тотнем, што нуди дополнителна можност за бодови.

 

НАПАД: Шанса која не се пропушта за искусниот Мареј

МАРЕЈ (6)

Глен Мареј е доста искусен напаѓач, па иако веќе две кола имаше прилика да постигне гол, тоа не го стори, меѓутоа со оглед на неовата ниска цена на пазарот, му даваме нова можност за докажување, и тоа против екипа како Саутемптон, противник по мерка за Брајтон кој може до нови бодови.

Маркус Рашфорд (8,6) е исто така интересна опција за нападот, неговата цена сосема очекувано порасна постигна два гола во победата на Манчестер јунајтед против Челси (4-0), а беше дел и на единствениот гол во ремито кај Волверхемптон (1-1), меч каде имаше можност да постигне и нов гол за водство од пенал, меѓутоа имаше консултација со Погба по која Французинот ја презеде одговорноста, и на крајот промаши од белата точка. На Островот медиумите пишуваат дека Оле Гунар Солскјер веќе пресекол по тоа прашање и во иднина прв изведувач на ударите од белата точка ќе биде токму Рашфорд.

Сепак, со оглед на фактот што мораме да внимаваме на буџетот со кој располагаме, воедно и на ниската цена на напаѓачот на Брајтон, кого го селектиравме и му дадовме предност, ова коло бодови ќе очекуваме од Мареј, меѓутоа имаме и опција во нападот на Манчестер јунајтед која веќе ја селектиравме, а тоа е Марсијал, кој, како што напоменавме настапува како напаѓач, а на „Фантази Премиерлигата“ се води како фудбалер од средниот ред, опција што носи многу повеќе бодови.

Со оглед на фактот што нашата селекција за третото коло е состав со вредност од 79,9 (од можни 100), истото нуди можност и да размислите за подобри опции на повеќе позиции, ние ќе издвоиме две опции во нападот, како Хари Кејн (11), кој ќе го има Њукасл за следен противник, и тоа на домашен терен, и секако, секогаш незгодниот Пјер-Емерик Обамејанг (11) кој со својот Арсенал гостува кај Ливерпул.

 

На крајот, да сумираме што се случува во двете лиги кои ќе им дадеме секако значење, во „24фудбал“ лигата во моментов на првото место е Ване Вангелов со освоени 163 бода, веднаш зад него е Бојан Божиновски со бод помалку.


Лидерот во нашата лига има доста интересен состав кој до некаде се поклопува со нашите очекувања, па еве го неговиот избор за второто коло каде освои одлични 77 бода.


Во генералниот пласман од нашата земја таму на првото место е Коста Коцев со освоени вкупно 178 бода, што е импресивно.

Лидерот во генералниот пласман во Македонија со овој избор на селекција освои 86 бода.


Среќно во третото коло од „Фантази Премиерлигата“ до сите натпреварувачи, и не заборавајте да се приклучите во лигата на „24фудбал“, кодот е следен: ah7lqe