24фудбал

„Адидас“ интервенирал Погба да остане во Манчестер јунајтед?

Спонзорите во денешниот фудбал играат голема улога, тие дури и можат да „пресудат“ во одредени моменти за иднината на фудбалерите, се чини дека голема била улогата на „Адидас“ за Погба да остане во Манчестер јунајтед барем уште една година.

Англија

Пол Погба остана во Манчестер јунајтед, иако францускиот репрезентативец силно тропаше пред вратите на Реал Мадрид, тој често пати „флертуваше“ со шпанскиот гигант, а сега на големо се шпекулира околу тоа зошто остана на „Олд Трафорд“.

„Мирор“ пишува дека брендот за спортска опрема, „Адидас“, бил на некој начин „миротворец“ околу преговорите на Погба со Манчестер јунајтед, по што Французинот на крајот остана во редовите на Премиерлигашот.

Говорејќи пред стартот на летниот преоден рок, Погба не ги криеше своите амбиции дека посакува нов предизвик во својата кариера, но, вон „Олд Трафорд“.

Реал Мадрид подолг период се поврзуваше со Погба, меѓутоа до трансфер не дојде, и покрај големата желба на Зинедин Зидан да го има својот сонародник во составот на „Кралевите“.

На Островот наведуваат дека „Адидас“ активно учествувал во преговорите со Погба, а токму таа страна одиграла клучна улога во конечната развршница околу тоа Французинот да остане на „Олд Трафорд“ барем уште една година.

Погба веќе три години соработува со „Адидас“, има важечки договор од десет години со таа компанија која истовремено е спонзор и на Манчестер јунајтед.