24фудбал

Де Хеа не само што ќе стане најплатен на Олд Трафорд, „ѓаволите“ ќе направат и исклучок од едно важно правило

Манчестер јунајтед во скоро време треба да соопшти дека Давид де Хеа останува верен, голманот ќе стане најплатен на Олд Трафорд а ќе добие и специјален третман и во договорот ќе ја нема клаузулата за намалување на платата од 25%.

Англија

Шпанецот ја одработува последната година од договорот, од јануари слободно може да потпише за друг клуб, но Манчестер јунајтед не стравува дека ќе го загуби голманот за без пари.

Двете страни подолго време се во преговори за продолжување на соработката и во неколку наврати медиумите од Англија пишуваа дека паднал дил за нов договор.

Според пишувањата на Тајмс, „ѓаволите“ во скоро време треба да соопштат дека Давид де Хеа останува верен. Весникот вели дека голманот ќе стане најплатен на Олд Трафорд со годишни примања од 13,5 милиони фунти по данок, или околу 15 милиони евра.

Покрај огромната плата, Давид де Хеа добива и специјален третман, Манчестер јунајтед за Шпанецот ќе направи исклучок од едно важно правило.

Сите фудбалери во своите договори имаат клаузула според која платата им се намалува за 25% доколку не е обезбеден настап во Лигата на шампионите. Манчестер јунајтед на овој начин се осигурува дека нема да настане дупка во буџетот поради помалиот прилив на пари.

Оваа клаузула сепак нема да ја има во договорот на Давиде де Хеа па тој ќе ја добива истата плата без разлика дали клубот игра или не во најелитното европско натпреварување.