24фудбал

Виктор Валдес и официјално доби отказ, ова се сите гревови на легендата на Барса

„Каталонците“ попладнево пренесоа дека Виктор Валдес повеќе не е тренер на тимот до 19 години, легендата на клубот издржа само три месеци во новата улога.

Шпанија

Барселона донесе одлука, Виктор Валдес повеќе не е тренер на Хувенил А тимот, вест која веќе неколку дена кружеше низ медиумите. Легендата на „каталонците“ имаше свои идеи за тоа како да ја извршува работата, неговиот стил креираше недоразбирање со раководството па разделбата беше неизбежна.

Чашата ја прели расправијата која Шпанецот ја имаше во петокот со првиот човек на академијата, популарната „Ла масиа“, Патрик Клајверт.

Холанѓанецот го опоменал Виктор Валдес за тоа што наметнува формација 4-4-2 и го потсетил дека мора да игра со формација 4-3-3, која по традиција се негува во сите младински категории. Поранешниот голман, на ова дрско одговорил дека неговиот тим ќе игра како што тој сака, па дошло до вербален судар, биле кажани пцовки и навреди, а за малку ќе настанела и физичка пресметка.

Ова не е единствениот грев на Виктор Валдес, неговото однесување креираше серија инциденти.

Уште во првите денови на кормилото го привлече вниманието кога го повлече тимот од Отен купот. Виктор Валдес сметаше дека нема адекватен одмор, два меча во два една е лошо по здравјето на играчите, па Барса не се појави на натпреварот за трето место.

Тој исто така не се појавувал на состаноците на тренерите кои ги водел Пако Сеируло, а на истите се појавувале сите други тренери. Виктор Валдес не се појавувал ниту на вечерите со тренерите, на кои исто така присуствувал целиот друг персонал.

Виктор Валдес се жалеше и на тоа што премалку неговиот тим игра на Естади Јохан Кројф, бисерот на новиот Жоан Гампер Спортс Сити комплекс. Се жалеше и на начинот на кој дава изјави за медиумите и барал да бидат поставени маса и столчиња, додека сите други тренери, вклучувајќи го и оној на Барселона Б, немале ништо против да стојат додека разговараат со новинарите.

Барселона доби и сакнција од УЕФА откако Виктор Валдес и неговиот тим доцнеа половина час за мечот против Интер во младинската Лига на шампиони. Шпанецот на своите играчи сакал да им одржи говор во Сиутат Еспортива, па подоцна од предвиденото пристигнале на стадионот.

Имаше и недоразбирање со раководството за тоа кои играчи ги преферира. Барселона му замери на тренерот што малку шанса им дава на фудбалери кои изминатиов период добија нови богата договори, и од кои се очекува многу во иднина, но тие или воопшто не играат, или добиваат мала минутажа.