24фудбал

Ангеловски: Поништениот гол ги изнервира играчите... секоја чест дечки за победата

Селекторот на Македонија, Игор Ангеловски вели дека победата на Словенија е убава, но се уште ништо не сме направиле и најави дека одиме да се надигруваме со Полска.

Македонија

Македонија ја надигра Словенија на „Тодор Проески“ Арената, победивме со 2-1 и освоивме три многу значајни бодови во квалификациите за Европското првенство.

На почетокот од прес конференцијата селекторот Ангеловски им се обрати на фудбалерите.

„Секоја чест дечки, јас зборував дека е задоволство да се работи со вас, благодарност и за публиката која дојде во голем број. И покрај сите проблеми кои ги имавме овие фудбалери изгинаа на теренот, играа еден за друг, заедно сме и кога победуваме и кога губиме. Оваа победа е убава, но се уште ништо не сме направиле. Следниот натпревар го играме кај фаворитот Полска и сега треба да се фокусираме на него“, вели Ангеловски.

„По овој натпревар ни се зголемија шансите, но сега треба да се фокусираме на наредните натпревари. Сега одиме во Варшава, тие се фаворити но тука одигравме меч каде што докажавме дека можеме да се носиме со нив. Можеме да се надигруваме со нив. Ќе влеземе таму спремни да освоиме бод или ако ни се укаже шанса и три. Сега ни се враќа и Бејтулаи што е добро за нас“.

На прашањето за Елиф Елмас селекторот Ангеловски кратко одговори: „За Елиф Елмас немам зборови, се кажа на теренот“.

Поништениот гол како дополнително да ги мотивираше нашите фудбалери.

„Поништениот гол ги изнеривра играчите, но ги смирив им реков дека ништо не смее да не исфрли од колосек. И мораме фокусирано да го продолжиме натпреварот“.