24фудбал

Берлускони го продаде Милан на сомнителен лик па сега соли памет: Вратете ми го клубот, ќе го направам успешен!

Силвио Берлускони знае како Милан може одново да се врати на старите славни патеки, вели дека клубот треба да се врати во негово владение.

Италија

Поранешниот премиер на Италија по 31 година на чело на „росонерите“, во април 2017 го продаде Милан на конзорциум од Кина. И покрај тоа што уште тогаш се шпекулираше дека човекот кој го купува клубот, Ли Јонгхонг е сомнителен лик и дека не е толку богат колку што тврди дека е, зделката се реализираше и Силвио Берлускони инкасираше преку 700 милиони евра.

Ваквите гласини се покажаа како точни, Ли Јонгхонг за кратко време снема средства, доцнеше со исплатите па Милан се најде пред банкрот и премина во рацете на фондот Елиот, кој всушност го конфискуваше клубот откако бизнисменот од Кина не им ја врати позајмицата.

Фондот Елиот реши да направи реконструкција на Милан и да го врати клубот на стабилни нозе пред да го продаде, но работите не се одвиваат според планот, „росонерите“ разочараа минатата сезона, а лошо ја започнаа и новата што резултираше со тренерска промена по само седум кола.

Случувањата на Сан Сиро сега ги прокоментира Силвио Берлускони, кој соли памет и вели дека има решение за кризата.

„Како може Милан да се врати на славните патеки од минатото? Тоа е едноставно, но во исто време и тешко остварливо: дајте му го клубот одново на Силвио Берлускони“ – вели поранешниот премиер на Италија.

Тој имаше замерка и на коментарите на генералниот извршен директор Иван Газидис, кој побара поголема почит за Елиот со оглед на тоа дека фондот го спасил клубот од банкрот и преселба во Серија Д.

„Ова се фрази кои треба да бидат изговорени само кога некој ќе влезе во тоалет, и пред да каже вакво нешто, лицето треба да се погрижи вратата да биде затворена“.