24фудбал

Измени во пет до 12, првото „Ел класико“ наместо на Камп Ноу ќе се игра на Бернабеу!?

Според пишувањата на АС, Ла Лига предложила лутото дерби помеѓу Барселона и Реал кое е на програмата на 26. октомври да се игра во Мадрид, наместо на Камп Ноу.

Шпанија

Првото „Ел класико“ оваа сезона доби непопуларна саатница и ќе се игра во 13 часот, а сега во пет до 12 може да доживее нова промена, која најмногу ќе влијае на оние кои решиле од трибините да бидат сведоци на пресметката помеѓу лутите ривали.

Мечот требаше да се игра на Камп Ноу, но Ла Лига им предложила на Барса и Реал мечот да се одржи во Мадрид на Сантијаго Бернабеу, а возвратниот натпревар, во март следната година, да биде на Камп Ноу.

АС пишува дека Ла Лига сака да се избегнат ситуации кои можат да ја компромитира безбедноста со оглед на тоа дека за 26. октомври е закажан голем протест во Барселона на кој ќе се искаже незадоволството од одлуката на Врховниот суд и затворските казни кои ги добија каталонските политичари.

Во следните денови ќе падне конечна одлука околу местото на одигрување и дали Камп Ноу ќе остане домаќин, а за промената зелено светло треба да даде комитетот за натпреварување при Фудбалската федерација на Шпанија.