24фудбал

Нови страници во историјата на шпанскиот фудбал, во декември ќе се одигра меч во Мајами

Официјалната одлука треба да се донесе во просториите на шпанската Фудбалска федерација, обете страни се во постојана комуникација со Ла Лига, особено со претседателот на лигата, Хавиер Тебас, кој е еден од најголемите промотори на оваа идеја.

Шпанија

Виљареал и Атлетико Мадрид на 8. декември ќе го одиграат својот натпревар во рамките на Примера во Мајами, обата клуба веќе се договорија за мечот да биде одигран на „Хард Рок“ арената, а таа опција се преферира повеќе во однос на тоа Виљареал да биде домаќин на својот стадион.

Согласноста од страна на обата клуба се случи откако најнапред Ла Лига имаше обиди да се одигра мечот помеѓу Џирона и Барселона во Мајами ланскиот јануари, меѓутоа Каталонците се повлекоа од таа идеја откако бордот на директори на каталонскиот гигант пресече во таа одлука, а во соопштението до јавноста тие одлуката ја образложија подетално, велејќи дека ја прифаќаат идејата, меѓутоа се дури нема согласност од сите страни ќе останат настрана од тој проект.

Претседателот на Виљареал, Фернандо Роиг во изјава за „Ел Трансистор“ заклучи дека обата клуба се отворени за идејата да се реализира, наведувајќи дека ова е убав момент за такво нешто.

Се надевам дека конечно сега ќе ја реализираме оваа идеја, обата клуба се согласни на тоа натпреварот да се одигра во Мајами, меѓутоа на лично ниво само се надевам дека ќе падне договор кој ќе ги задоволи критериумите на сите страни“ рече Роиг.

Преселбата на мечот помеѓу Виљареал и Атлетико Мадрид допрва треба да биде и формално одобрено, а секако ќе има и дискусија за одредени организациски процеси за натпреварот, како за пример се наведуваат чартер летовите за навивачите на обата клуба од Шпанија до Соединетите Американски Држави.

Постои можност за компензација кон навивачите на Виљареал, кои ќе го пропуштат еден од најголемите натпревари за својот омилен тим сезонава, а тоа може да се случи на неколку начини, вклучувајќи билети и специјален превоз до Мадрид за втората пресметка против „Јорганџиите“ во февруари на нивен терен.