24фудбал

Манчестер Сити уште сега почна да се жали: Под знак прашалник е ставен спортскиот интегритет на првенството!

„Граѓаните“ се побунија откако денеска беше соопштен распоредот за декември и јануари, Манчестер Сити смета дека Ливерпул е фаворизиран откако тие добија пеколен распоред за празничниот период.

Англија

Премиерлигата со една недела доцнење го обелодени распоредот на натпреварите за последниот месец од годината, и првиот од следната. Челниците на најсилното првенство на Англија имаа тешка задача откако Амазон купи дел од ТВ правата, па дискусиите беа покомплексни од вообичаеното и креираа голема контроверзија.

Манчестер Сити беше најгласен со замерките и примедбите, актуелниот шампион се побуни дека Ливерпул е фаворизиран и под знак прашалник е ставен спортскиот интегритет на првенството.

„Граѓаните“ се бесни поради тоа што имаат два меча за помалку од 48 часа откако на 27. декември ќе гостуваат кај Волвс, а на 29. декември ќе го пречекаат Шефилд. Немаат многу одмор ниту за следниот натпревар, гостуваат кај Евертон на први јануари 2019.

Ливерпул пак гостува кај Лестер на 26. декември, на 29. декември дома се среќава со Волвс, а на 2. јануари 2019 на Енфилд има дуел со Шефилд јунајтед.

„Разочарани сме што добивме густ распоред за Божиќ. Натпреварите од Премиерлигата се исцрпувачки, и не е идеално да се игра два пати за помалку од 48 часа, играчите не добиваат соодветно време за одмор“ – вели оперативниот директор на Манчестер Сити, Омар Берада.

„Свесни сме дека компаниите кои плаќаат за ТВ правата имаа голема улога при одредувањето на распоредот, но мора да се осигураме дека здравјето на играчите ќе биде заштитено, како и спортскиот интегритет на првенството“.

Манчестер Сити уште сега заостанува осум бода зад Ливерпул, па избраниците на Пеп Гвардиола немаат право на многу киксови во продолжението од сезоната доколку сакаат да го одбранат насловот шампион на Англија.