24фудбал

Де Брујне се враќа против Кристал Палас

Гвардиола за момент може да здивне, се враќа „кралот“ на асистенциите, и тоа во вистински момент по шокантниот пораз од Вулверхемптон во претходното коло, пораз кој донесе минус осум бода разлика од ривалот Ливерпул.

Англија

Шефот на стручниот штаб на англискиот првак Манчестер Сити, Пеп Гвардиола на пресконференцијата во пресрет на утрешното гостување кај Кристал Палас во рамките на деветтото коло од Премиерлигата, потврди дека Кевин Де Брујне е целосно рехабилитиран од повредата.

Освен Де Брујне, Пеп посочи дека Џон Стоунс исто така се вратил на тренинзите по повредата, што е дополнителна позитивна вест во таборот на „Граѓаните“ кои се соочуваа со големи проблеми околу повредени фудбалери во својот состав.

Враќањето на Де Брујне во составот на „Граѓаните“ се очекува да биде во многу аспекти добредојдено за Гвардиола, особено по шокантниот пораз од Вулверхемптон на домашен терен со 0-2 во осмото коло од Премиерлигата, со што разликата со Ливерпул на врвот се зголеми на минус осум.

Белгиецот е централна фигура во тимот на Манчестер Сити во воведниот дел од новата сезона, во седум настапи во Премиерлигата тој успеа да реализира дури осум асистенции, притоа на два пати ја затресе мрежата од голот на противниците.

Што се однесува пак до противникот на Манчестер Сити овој викенд, Кристал Палас делува одлично во дефанзивната игра оваа сезона, примајќи само осум погодоци во исто толку натпревари, што на тимот на Рој Хоџсон му носи четврто место во таа категорија од статистички аспект.

Секако дека Кристал Палас е тврд орев за Манчестер Сити, а дека е така потврдуваат последните три средби помеѓу овие две екипи, во кои Кристал Палас има по една победа, реми и пораз против составот на Гвардиола.