24фудбал

Емери отворено за Џака: Не знам дали повторно ќе игра...

Во исклучително тешки моменти во соблекувалната на тимот, Арсенал гостува кај „расположениот“ Лестер, сепак, враќањето на Месут Озил во составот на „Топчиите“ може да биде барем мала надеж за Емери.

Англија

Арсенал го очекува мошне тешко гостување кај неверојатниот Лестер кој „гази“ сепред себе во новата сезона од Премиерлигата, а на денешната пресметка на „Кинг Пауер“ која почнува од 18,30 часот кај гостите нема да биде во комбинација Гранит Џака.

Веќе е позната ситуацијата со швајцарскиот репрезентативец, а не е познато и дали воопшто ќе настапува за Арсенал во периодот кој претстои, не се исклучува можноста да си замине од Лондон уште во јануарскиот преоден рок.

Говорејќи на пресконференцијата во пресрет на дуелот со Лестер, шефот на стручниот штаб на „Топчиите“, Унаи Емери посочи дека на клубот му е потребен фудбалер како Џака, меѓутоа тој самиот потврди дека не знае дали воопшто Швајцарецот ќе продолжи да настапува за таа екипа.

Потребен ни е фудбалер како Гранит Џака, меѓутоа, истовремено морам да напоменам дека не знам дали тој ќе игра повторно... Не знам, бидејќи во случај тој да е подготвен со своите мисли да продолжи да ни помага и да настапува во дресот на Арсенал, мислам дека времето пред нас би можело да ни донесе и таква солуција“ рече Емери.

Емери меѓу другото, повика од навивачите да имаат трпение во овие ситуации со кои се соочува клубот, наведувајќи дека тој максимално се труди да постигне најдобар баланс помеѓу фудбалерите околу емотивната ситуација, во која неофицијално соблекувалната застанала во одбрана на Џака кој имаше „жесток судир“ со навивачите на Арсенал, а веќе му е повлечена и капитентската лента.