24фудбал

Барселона бара замена за Ракитиќ, три опции се во игра

Иван Ракитиќ ќе си оди од Барселона, голема е веројатноста тоа да се случи уште во јануари, па каталонскиот клуб разгледува опции за негова замена.

Шпанија

Иван Ракитиќ веројатно во јануари, но најдоцна по крајот на оваа сезона ќе си замине од Камп Ноу, Хрватот е во втор план кај Валверде и не се помирува со тоа, сака да е во стартниот состав.

Според „АС“, Барселона веќе ја почнала потрагата по негова замена, сака да донесе играч од средниот ред иако веќе го има Де Јонг.

Прва опција е Фабиан Руиз од Наполи, неговата вредност се проценува на 60 милиони евра според „трансфермаркт“. Барса веќе некое време го следи Руиз но никогаш не тргнала конкретно по него.

Втор на радарот е Родриго Бентакур, Уругваецот вреди 35 милиони евра и би бил засилување за иднината со оглед на неговата младост. Интерес за Ракитиќ имаше и од Јувентус, па можно е во некаква размена Бентакур да се пресели на Камп Ноу.

Последниот на листата според „АС“ е Саул Нигез од Атлетико Мадрид, тој е трет не поради квалитетот, туку поради сложеноста на трансферот. Атлетико не е среќен со начинот на кој Барса им го зема Гризман, па сигурно ќе игра тврдо со Саул и ќе определи висока цена која Каталонците тешко дека ќе ја прифатат.