24фудбал

Бензема влезе во војна со првиот човек на ФФФ и побара да игра за друга репрезентација, ќе му се исполни ли желбата?

Претседателот на Фудбалската федерација на Франција, Ноел Ле Грае порача дека Карим Бензема никогаш повеќе нема да игра за „триколорите“ по што следуваше жесток одговор од напаѓачот кој побара да го пуштат да настапува за друга репрезентација.

Франција

Карим Бензема со години не игра за Франција по скадалот и обидот за уцена и изнуда на пари од соиграчот Матју Валбуена. Напаѓачот оваа сезона игра во одлична голгетерска форма, па има барања тој да биде вратен во репрезентацијата со оглед на тоа дека во составот на Дидје Дешам нема голгетер од светска класа.

Сепак, првиот човек на Фудбалската федерација на Франција порача дека нема шанси тоа да се случи.

„Карим Бензема е многу добар играч, никогаш не сум се сомневал во неговите квалитети. Во Реал Мадрид покажува дека е еден од најдобрите напаѓачи. Но неговата авантура со тимот на Франција е завршена“ - рече Ноел Ле Грае.

Оваа предизвика жестока реакција од Карим Бензема кој побара да го пуштат да настапува за друга репрезентацијата.

„Ноел, мислев дека не се мешаш во одлуките на селекторот! Имај на ум дека само јас можам да одлучам за крај на репрезентативната кариера. Доколку сметаш дека толку е од мене, дозволи ми да играм за една од другите репрезентации чиј дрес можам да го носам и ќе видиме“ - напиша фудбалерот на Реал Мадрид на Твитер.

Според правилата на ФИФА, доколку еден играч одигра официјален натпревар за една репрезентација, тој не може да игра за друга. Сепак постои исклучок и во теорија, Карим Бензема може да настапи за Алжир, земјата на неговите родители.

Но за тој да има осново да побара да ја промени репрезентацијата, најпрво властите од Франција ќе треба да му го одземат француското државјанство. Потоа Карим Бензема ќе треба да испрати барање до ФИФА и светската куќа на фудбалот ќе треба да одлучи дали ќе му одговори позитивно.