24фудбал

Тотнем го направи Мурињо вториот најплатен тренер во светот, еве кој го убеди „скржавиот“ Леви да одвои луда сума

Топ тема во светот на фудбалот е отказот на Маурино Покетино и пристигнувањето на Жозе Мурињо на кормилото на Тотнем, Португалецот ќе биде вториот најплатен тренер во светот со 15 милиони фунти годишно.

Англија

Медиумите од „островото“ синоќа пренесоа дека Маурисио Покетино нема уште долго да биде на тренерското столче на „спарси“ и само прашање на време е кога тој ќе добие отказ. И додека се очекуваше дека тоа ќе се случи за неколку недели, Тотнем доцна вечерта пренесе дека Аргентинецот е разрешен од должностите.

Клубот од Северен Лондон веднаш најде замена и тоа Жозе Мурињо. Тотнем никош немал толку звучно име за тренер, но ова си има своја цена, „специјалниот“ доби двојно поголема плата од онаа на Маурисио Покетино, односно 15 милиони фунти годишно. Со вакви примања, тој е вториот најплатен тренер во светот, поголема плата од него има само Пеп Гвардиола (20 милиони фунти).

Првиот човек на Тотнем е тежок преговарач и важи за „скржавец“, но морал длабоко да бркне во џебот за да добие стратег кој во своето резиме има 25 титули. Клучен за зделката е израелскиот супер-агент Пини Захави, човекот кој го однесе Нејмар во ПСЖ за рекордни 222 милиони евра. Тој го убедил Даниел Леви дека Жозе Мурињо е човекот да ги врати „спарси“ на победнички патеки.

Скај Спортс вели дека првиот контакт помеѓу Захави и Леви се случил по ремито на Тотнем со Ватфорд пред три недели. Преговорите потоа почнале да добиваат темпо, за минатата недела Леви да има средба очи во очи со Мурињо во Лондон. Се воделе дискусии за сегашниот состав, стилот на игра кој Португалецот ќе го примени и кои се потенцијалните трансфер цели. „Специјалниот“ верува дека тимот е силен но игра под можностите и има потенцијал за многу подобри резултати. Тој сепак побарал пари на располагање доколку сака нешто да промени во јануари.

Захави одиграл клучна одлука во преговорите откако успеал да го убеди Леви дека неговиот клуб нема победнички менталитет и дека Мурињо е идеален тренер да донесе победнички менталитет. Израелецот објаснил како Жозе е перфектен човек да ја крене формата на Тотнем која е во надолна линија, да им ја врати самодовербата на играчите, и како тоа стратегот со нетрпение чека да почне со работа по 11 месеци надвор од фудбалот.