24фудбал

Арсенал му постави ултиматум на Емери, Артета во исчекување

„Топчиите“ се очајни во новата сезона, а на Унаи Емери не му се пишува добро откако критиките за неговата работа од ден на ден растат, двајца кандидати има за негов наследник.

Англија

Разнишано е столчето на Унаи Емери, откако Арсенал се најде во резултатска криза и не успеа да добие ниту еден меч од последните шест во сите конкуренции, се верува дека шпанскиот фудбалски стратег веќе добил и ултиматум од клубот.

„Метро“ наведува дека Микел Артета нема ништо против да почне преговори со Арсенал за да го наследи Емери, кој наводно веќе му биле дадени три меча во Премиерлигата како услов да ја задржи работата, нормално, на истите да обезбеди поволни резултати на тимот.

„Тајмс“ извести дека откако Арсенал повторно ги разочара своите фанови и одигра само реми пред своја публика против претпоследната екипа во Премиерлигата во моментов, Саутемптон, раководството на клубот се сериозно заинтересирани да почнат преговори со Артета, но, се споменува и Масимилијано Алегри.

Артета мина пет успешни години во дресот на Арсенал како фудбалер, моментално е асистент на Пеп Гвардиола на клупата на Манчестер Сити, а често добива пофалби од својот сонародник за тоа што го работи.

Што се однесува пак до Алегри, тој од поодамна се поврзува со клупата на Арсенал, така беше и по заминувањето на Арсен Венгер од таа позиција ланската година.