24фудбал

Емери е под страшен притисок, ако не добие отказ, ѕвездите на Арсенал ќе си заминат

Според „Дејли Мејл“, директори на Арсенал стравуваат дека најдобрите играчи во тимот би можеле да си заминат доколку не се случи тренерска смена во клубот.

Англија

Раководството на Арсенал со постојаното одложување на отказот на Емери само ја продлабочува кризата во тимот и си создава нови проблеми.

Топчиите имаа шанса пред неколку недели да го отпуштат Емери и да го ангажираат Мурињо, но нивниот голем ривал Тотнем беше побрз, поодлучен и им го зема Португалецот.

Емери ја изгуби контролата врз играчите, „Дели Мејл“ пишува дека на нив не им се допаѓаат методите на шпанскиот стратег за кои сметаат дека се застарени.

Пласманот во топ четири веќе е многу далеку, враќање во Лигата на шампионите е можно само преку освојување на Лига Европа, но и таму конкуренцијата е сериозна.

Ѕвездите во тимот како Обамејанг и Лаказет одолговлекуваат со потпишување на новите договори, чекаат разврска за тренерската позиција. Тие сакаат да играат во Лигата на шампионите, а овој Арсенал не изгледа дека може да се врати во елитата.

Директорите на Арсенал се загрижени бидејќи тимот игра уште една лоша сезона, нивниот проект за враќање на конкурентноста не се одвива според планот. Топчиите три последователни сезони се без настап во Лигата на шампионите, таквата тенденција има реални шанси да продолжи.

Како најсериозен кандидат за тренерското место во Арсенал се споменува асистентот на Пеп Гвардиола, Микел Артета.

„Би сакал да остане со нас колку што е можо подолго. Ние сме повеќе од задоволни да го имаме него тука, но не знам што ќе се случува“, изјави Пеп Гвардиола за Микел Артета.

Артета го бие добар глас како помошник, но нема искуство како прв тренер и тоа може да биде меч со две острици за Арсенал.

Како втор кандидат се споменува Масимо Алегри кој е без ангажман откако се раздели со Јувентус.

Маурисио Покетино е трета, но се чини нереална опција поради големото ривалство меѓу Тотнем и Арсенал, но во фудбалот никогаш не се знае. Можеби Аргентинецот преку топчиите ќе сака да им докаже на Спарси дека погрешија што му дадоа отказ.