24фудбал

Ливерпул пресилен за Манчестер јунајтед, „црвените“ се на +16 на врвот и +30 во однос на „ѓаволите“! (ВИДЕО)

Ливерпул го доби големото дерби со Манчестер јунајтед, Вирџил ван Дајк донесе водство а Мохамед Салах ја потврди победата за +16 на врвот и +30 во однос на „ѓаволите“.

Англија

Манчестер јунајтед беше единствениот тим кој му откина бодови на Ливерпул оваа сезона откако на Олд Трафорд одигра 1-1 против лутиот ривал. Солшер се надеваше дека и вечерва ќе може да му ги помати сметките на Клоп, но „црвените“ се покажаа како пресилен противник и славеа со 2-0.

Вирџил ван Дајк донесе водство во 14. минута откако беше заборавен по еден прекин, а трите бода ги потврди Салах во 93. минута. Ливерпул многу порано можеше да ја осигура победата, во првиот дел им беа поништени два гола, еден на Фирмињо поради прекршок над Де Хеа и еден на Вајналдум поради офсајд.

Домаќините имаа уште неколку убави прилики во продолжението од мечот но Салах и Мане не беа прецизни а Хендерсон ја погоди стативата.

Манчестер јунајтед се закани во неколку наврати, најсериозната шанса ја имаше Марсијал, но Французинот биеше многу лошо од добра позиција.

Со оваа победа, Ливерпул се зацврсти на врвот на табелата со +16 во однос на Манчестер Сити, а имаат и +30 во однос на вечниот ривал Манчестер јунајтед. Избраниците на Јирген Клоп исто такаа имаат и натпревар помалку.