24фудбал

„24ФУДБАЛ СКАУТ ФАНТАЗИ“: Вилсон и Грилиш на мегдан, Салах прв избор за капитен

Претстојниов викенд на програмата е редовното 25 коло од англиската Премиерлига, а со самото тоа продолжуваат и возбудувањата во „ФантазиПремиерлигата“ која брои над седум милиони натпреварувачи ширум светот, односно околу осум илјади од нашата земја.

Останато

Добредојдовте во уште една анализа на „24фудбал“ како помошна алатка за натпреварувачите од нашата земја во „ФантазиПремиерлигата“, веќе три кола во низа бележиме успешни анализи, па се надеваме дека така ќе биде и ова коло.

Најнапред еден краток рекапитулар на настаните од 24. рунда натпревари во Премиерлигата, каде порачавме дека е вистински момент за искористување на опцијата „трипл-капитен“, за оние кои се уште ја немаа искористено секако, а прв пик според нас беше Мохамед Салах, негова замена Роберто Фирмино, обајцата соиграчи од Ливерпул, кои со својот тим имаа два меча претходното коло.

„24ФУДБАЛ СКАУТ ФАНТАЗИ“: Два меча за Ливерпул, идеална прилика за опцијата „трипл-капитен“

Салах малку разочара во пресметката со Вулверхемптон, „Редсите“ славеа со 1-2 на крајот, а Египјанецот не искористи две сто процентни шанси да постигне гол, меѓутоа во вториот меч, во гостинската победа кај Вест Хем со 0-2 учествуваше во обата погодоци, всушност, постигна еден гол, а запиша асистенција во вториот, вкупно освојувајќи 18 бода од обата меча, или генерално сумирано со опцијата „трипл-капитен“ 48 бода, од кои 16 само од вториот меч.

Од причина што нашата анализа донесе фантастичен учинок од вкупно 96 бода, а просекот на освоени бода во 24. коло од Премиерлигата изнесуваше 53, можеме да се пофалиме со исклучително корисна анализа за натпреварувачите.

КОД ЗА ВЛЕЗ ВО ЛИГАТА НА „24ФУДБАЛ“: ah7lqe

Во воведот пред самата селекција за 25 коло, секако ќе издвоиме време и за трансферите за претстојното коло, за тоа секогаш официјалниот сајт на „Премиерлигата“ одлично се грижи со еден корисен графички приказ да ни ја долови ситуацијата на тоа поле.

Салах е најкупуваниот фудбалер за претстојното коло со над 400 илјади натпреварувачи зад неговото име, а по него следи Раул Хименез од Вулверхемптон, водечката тројка ја комплетира Серхио Агуеро од Манчестер Сити.

Што се однесува до онаа „негативна“ статистика кај трансферите, натпреварувачите најмногу се ослободуваат од Садио Мане од Ливерпул, најголемата причина за тоа секако е фактот што Сенегалецот е повреден и ќе отсуствува, а по него следи Џејми Варди од Лестер. Доколку ги проследите претходните анализи, за што посочивме и во последната, ќе воочите дека се оствари нашето предвидување дека Варди ќе ја загуби довербата во голем број кај натпреварувачите при ново лошо издание од него, а тоа се оствари.


Во 25. коло од Премиерлигата ќе имаме можност да проследиме две дерби пресметки, мечот Лестер – Челси во сабота (13,30) со кој стартуваат возбудувањата во ова коло, како и дербито во недела помеѓу Тотнем – Манчестер Сити (17,30), со што ќе се затвори оваа рунда натпревари од Премиерлигата, лидерот Ливерпул пак, во сабота (16,00 )на домашен терен го пречекува составот на Саутемптон.

Сепак, ние топло ви препорачуваме и да ја проследите пресметката помеѓу Борнмут и Астон Вила, обете екипи се дел од долните позиции на табелата во Премиерлигата, а во своите состави имаат млади и перспективни ѕвезди од типот на Хари Вилсон и Џек Грилиш, за обајцата, според досега прикажаното претстои светла иднина, едниот е на пат да се врати во неговиот матичен Ливерпул, од каде игра на позајмица, а за другиот пак, постои огромен интерес, се шпекулира дека Манчестер Сити е сериозно „загреан“ за неговиот потпис.

Сакајќи да ја поправиме грешката со голманската позиција во претходната анализа, иако тоа што се случи на мечот Евертон – Њукасл (2-2) каде гостите постигнаа два гола во еден луд фото-финиш од мечот, веројатно не беше кај никого за очекување, ова коло ќе го препорачаме Џордан Хендерсон (5) од Шефилд Јунајтед, кој со својот тим гостува кај Кристал Палас.

Иако, имајте во предвид дека одлична опција и ова коло  е Џордан Пикфорд од Евертон, кој со својот тим гостува кај Ватфорд. Меѓутоа, зошто го селектираме Хендерсон? Кристал Палас игра доста тешко во фазата од офанзивната игра, тешко постигнува погодоци, а одличната поставеност на Шефилд Јунајтед во играта, ќе биде „тврд орев“ како бедем пред нивниот гол.

КОД ЗА ВЛЕЗ ВО ЛИГАТА НА „24ФУДБАЛ“: ah7lqe

Од истите за Хендерсон, но, и дополнителни причини кои секако ќе ги наведеме, ќе го селектираме и неверојатниот Џон Лундстрам (5.1) од Шефилд Јунајтед. Првата причина веќе ви е јасна, а втората е она главното, фактот што Лундстрам игра во средниот ред, како и тоа што често го гледаме во опасната зона на противникот, а ќе сумираме на фактот што станува збор што често ги изведува и прекините за Шефилд Јунајтед.

Ватфорд игра одлично, иако загуби драгоцен бод од директниот ривал за опстанок во елитата, Астон Вила, во самата завршница од мечот, сепак, повторно ќе го селектираме Лукас Дињ (5.8) од Евертон, кој во претходниот меч беше повлечен од игра во вистински момент, дотогаш имаше и бодови од клин-шит, односно меч без примен гол, така, се задржуваме на праксата селекција на дефанзивци кои всушност играат во средината од теренот, а се доста опасни и од прекините, што е случај и со францускиот бек.

Со оглед на фактот што Челси е доста ранлив во дефанзивната линија, тоа остава голем простор за фантастичните продори на Рикардо Переира (6.3) од Лестер, кој претходното коло запиша 12 поени на своето конто во победата над Вест Хем (4-1) каде реализираше гол и асистенција.

Во „четворката“ од дефанзивци секако место ќе има и за незаменливиот Трент Александер-Арнолд (7.6) од Ливерпул, кој иако пред себе како еден од противниците ќе го има одличниот Дени Ингс од Саутемптон, меѓутоа европскиот првак игра на едно врвно ниво, а дополнително ова коло и пред своја публика, сеосвен победа за домаќините би било еднакво на сензација, па тешко дека Саутемптон би постигнал гол на ова гостување, иако од мечот кај Вест Хем воочивме одредена криза во одбраната на „Редсите“, а малку недостасуваше Арнолд да постигне и автогол.

КОД ЗА ВЛЕЗ ВО ЛИГАТА НА „24ФУДБАЛ“: ah7lqe

Би било едно големо изненадување селекцијата во средниот ред да не ја започнеме со првата ѕвезда на Ливерпул, Мохамед  Салах (12.5), „Редсите“ ќе го немаат на располагање Мане кој е повреден, па така Египјанецот е најсилното оружје на составот предводен од страна на Јирген Клоп за пресметката со Саутемптон пред своја публика.

И во Манчестер јунајтед е слична ситуацијата, далеку од тоа дека ги споредуваме обете екипи по квалитет, меѓутоа кај „Црвените ѓаволи“ повреден е Маркус Рашфорд, па сега се чини дека сите очи се вперени во Ентони Марсијал (7.9), Французинот кој иако се води како фудбалер од средниот ред, всушност настапува како централен напаѓач, и тоа осамен во тој дел од теренот, што е можност за повеќе бодови. Манчестер јунајтед на домашен терен го пречекува доста незгодниот состав на Вулверхемптон, а ние очекуваме отворена игра на обете страни, каде домаќинот по минималниот триумф кај Манчестер Сити во купот, сега има дополнителна самодоверба.

Некои велат дека треба Варди да апстинира, за Ајозе Перез (6.2) да може да покаже што знае и умее на теренот, нешто налик на ситуацијата во аргентинската фудбалска репрезентација со Меси и Дибала. Лестер на домашен терен го пречекува Челси, тим кој на сите ни е јасно каде ги има најголемите проблеми во својата игра (одбраната), а со оглед на лошата форма на Варди, очекуваме од Перез повторно да блесне по двата гола претходното коло во победата над Вест Хем (4-1) каде запиша учинок од фантастични 15 бода.

Шест меча траеше негативната низа за Борнмут, а истата се прекина со победата на домашен терен над Брајтон со 3-1, за истата се погрижи Хари  Вилсон (5.8) кој постигна еден гол, а во моментите при излегување од теренот имаше и бонус бод од клин-шит, сумирано, тој освои вкупно 9 бода, па очекуваме викендов на пресметката со Астон Вила тој да биде движечка фигура во составот на Еди Хау, кој подолг период е под закана за отказ на клупата на Борнмут.

Како и да е, со оглед на тоа што очекуваме голови од пресметката помеѓу Борнмут и Астон Вила, со оглед на фактот што обете екипи се во опасната зона за испаѓање, па сигурно нема да калкулираат со играта, ќе му укажеме доверба и на Џек Грилиш (6.7) од таборот на гостите, тој во последните две гостувања за Астон Вила запиша фантастичен учинок од 23 бода, односно два гола и една асистенција, па токму со Грилиш ќе ја заокружиме петорката во средниот ред, оставајќи простор само за една опција во нападот.

Посочивме дека очекуваме офанзивен фудбал на мечот помеѓу Борнмут - Астон Вила, но, од друга страна, очекуваме и да видиме како ќе реагираат Вилсон и Грилиш во оваа ситуација, инаку станува збор за двајца исклучително квалитетни, а воедно и талентирани фудбалери во Премиерлигата од кои се очекува многу во нивната кариера во иднина.

КОД ЗА ВЛЕЗ ВО ЛИГАТА НА „24ФУДБАЛ“: ah7lqe

Така доаѓаме до нападот, таму ни преостанува само една опција во формацијата 4-5-1 која би ја преферирале ова коло, а довербата ќе му ја укажеме на Калверт-Луин (6.1) од Евертон, кој со својот тим гостува кај Ватфорд. Напаѓачот на „Карамелите“ игра во одлична форма под кормилото на Карло Анчелоти, а погоди во два меча во низа, па зошто да не биде и „хет-трик“ од тој аспект.


Предлог-состав: ХЕНДЕРСОН (5); ЛУНДСТРАМ (5.1), ДИЊ (5.8), ПЕРЕИРА (6.3), АРНОЛД (7.6); САЛАХ (12.5), МАРСИЈАЛ (7.9), ПЕРЕЗ (6.2), ВИЛСОН (5.8), ГРИЛИШ (6.7); КАЛВЕРТ-ЛУИН (6.1)

 

КАПИТЕН: МОХАМЕД САЛАХ

Заменик-капитен: Марсијал

 

Традиционално, анализите ги завршуваме со осврт на случувањата во генералната лига на „Македонија“, како и онаа на „24фудбал“.

Во лигата на „Македонија“ лидер во генералниот пласман е Давид Трајчевски со досега освоени 1492 бода, ви го претставуваме и неговиот избор од претходното коло.



Во лигата на „24фудбал“ лидер е Бојан Јовановиќ со досега освоени 1472 бода, имате можност да се запознаете и со неговиот избор од претходното коло.



Среќно до сите натпреварувачи и ова коло, не заборавајте да се приклучите во лигата на „24фудбал“, кодот е следен: ah7lqe