24фудбал

Солшер: Погба е наш фудбалер, а не на Рајола

Норвешкиот фудбалски стратег полека но сигурно се чини дека го губи трпението со контроверзниот фудбалски агент кој станува проблем за Манчестер јунајтед по прашањето за францускиот репрезентативец.

Англија

Контроверзниот фудбалски агент Мино Рајола во текот на претходната седмица посочи дека веќе разговарал со спортскиот директор на Јувентус, Павел Недвед околу можното враќање на неговиот клиент Пол Погба во дресот на италијанскиот првак.

Рајола јасно стави дознаење дека во случај Манчестер јунајтед да не успее да се пласира во Лигата на шампионите идната сезона, Погба ќе посакува да ги задоволи своите лични амбиции, индиректно алудирајќи на тоа дека Французинот би можел да си замине од „Олд Трафорд“.

Говорејќи на пресконференцијата во пресрет на вечерашното гостување кај Челси, шефот на стручниот штаб на Манчестер јунајтед, Оле Гунар Солшер упати јасна порака до Рајола, упатувајќи му го фактот што Погба е фудбалер на Премиерлигашот, а не негов.

Не сум разговарал со Мино, тоа е сигурно, и не, не сум разговарал со Погба за да му укажам на тоа што треба Мино да зборува, а што не треба да зборува. Како и да е, Пол е наш фудбалер, а не на Мино“ беше конкретен во својата изјава Солшер.

Погба има уште 18 месеци од својот актуелен договор со Манчестер јунајтед, подолг период се шпекулира дека е на излезна врата од клубот, а се чини дека проблемите со повредите изминатиов период го спречија за такво нешто.