24фудбал

Луд меч со пет гола на Емирати и драматично до последната секунда, Арсенал славеше против Евертон (ВИДЕО)

Арсенал и Евертон понудија многу возбуда на Емирати, паднаа дури пет гола, имаше многу шанси на двете страни а на крајот „топчиите“ се радуваа на победа од 3-2.

Англија

„Карамелите“ загубија по месец ипол, вечерва избраниците на Карло Анчелоти храбро се бореа на Емирати до последниот миг но мораа да се помират со пораз.

Евертон одлично го отвори мечот, Калверт Луин уште во првата минута го совлада Лено и донесе водство од 0-1. На Арсенал му требаше време да ги консолидира редовите, но потоа за пет минути направи пресврт. Нкитија изедначи на 1-1, а Обамејанг донесе предност од 2-1 во 33. минута од мечот.

Последниот збор во првиот дел сепак го имаа гостите, во четвртата минута од судиското надополнување, Ришарлисон се снајде најдобро по еден корнер и реализираше за 2-2.

На стартот од вториот дел, „топчиите“ се вратија во предност, на Обамејанг му требаа само 24 секунди во продолжението од мечот за по втор пат да го матира Пикфорд за 3-2.

Двата тима имаа свои шанси до крајот, беше драматично до последните мигови, Арсенал ја погоди рамката од голот по една грешка на Пикфорд, а еден обид на Евертон заврши милиметри крај стативата кога Лено веќе беше совладан.