24фудбал

Газдата на Јувентус открива: Де Лаурентис му се јавил на Меси, сака да го донесе во Наполи!

Претседателот на „старата дама“, Андреа Ањели вели дека е свесен за клаузулата во договорот на Лео Меси и открива дека првиот човек на Наполи, Аурелио Де Лаурентис веќе стапил во контакт со Аргентинецот.

Италија

Лео Меси има клаузула во договорот која му овозможува летоска да стави крај на соработката со Барселона и како слободен играч да замине од Камп Ноу. Изминатиов период често има гласини дека напаѓачот може да повлече еден ваков потег и се шпекулира дека пет клуба ги подготвиле милионите.

ПСЖ, Манчестер јунајтед, Манчестер Сити, Јувентус и Интер се посочуваат како можни дестинации, но според претседателот на „старата дама“, од Наполи веќе направиле конкретен чекор и Аурелио Де Лаурентис разговарал со Аргентинецот.

„Знам за клаузулата со која Меси може да замине за без пари. Де Лаурентис веќе му се има јавено, се обидува да го донесе во Наполи. Доколку тој се пресели во Италија, тоа ќе биде голем стимул за цела Серија А. На комерцијално ниво, први пет екипи во Калчото се Јувентус, Милан, Интер, Рома и Наполи. Доколку некој од овие клубови успее да ангажира фудбалер од калибарот на Роналдо или Меси, сите ќе имаме бенефиции од тоа“ – вели Андреа Ањели.

За „бомбата“ од 2018 и ангажманот на Кристијано Роналдо, тој додава: „Целта на Јувентус секогаш е да се освојуваат титули и да се ангажираат играчи кои ќе го искачат клубот на едно скалило погоре, тоа го сторивме со Платини и Зидан. Кристијано е првиот играч поради кои на маса седна спортскиот и економскиот департман на клубот и заедно разгледаа каков ќе биде бенефитот од една ваква зделка. Роналдо има што да понуди на теренот, но и да го направи поголем нашиот бренд глобално. Наскоро ќе бидеме четвртиот клуб во светот по бројот на следбеници на социјалните мрежи“.