24фудбал

УЕФА ќе предложи фудбалско лудило од четири дена во Истанбул и фајнл-фор во Лигата на шампиони

Според пишувањата на АС, европската куќа на фудбалот ќе предложи сезоната од Лигата на шампиони и Лига Европа да заврши со фајнл-фор турнир кој ќе се одржи во Истанбул, односно Гдањск.

Лига на Шампиони

УЕФА во вторник ќе има состанок на кој ќе падне одлука како ќе продолжи фудбалската сезона во Европа. Низ медиумите има најразлични шпекулации, една опција е ЕВРО 2020 да се преместви во декември месец, а втора алтернатива е континенталниот собир да се одржи следната година.

Што се однесува до Лигата на шампиони и Лига Европа, АС пишува дека УЕФА ќе предложи фудбалско лудило од четири дена во Истанбул, односно Гдањск.

Градовите кои се избрани за домаќини на завршницата, ќе треба да организираат фајнл-фор и во период од четири дена ќе се одиграат две полуфиналиња и финале. Со ваков потег ќе се ослободи простор во календарот и на домашните првенства, а ќе има и редуциран број на летови ширум Европа, а со тоа и помал ризик од ширење на зараза.

АС додава дека веројатно ќе има промена и во четвртфиналето, односно ќе се игра само еден меч, или на неутрален терен, или пак на стадионот на еден од двата клуба (со ждрепка ќе се одреди кој ќе биде домаќин).

Секако, најпрво треба да се најдат термини за дуелите од осминафиналето кои мораа да бидат одложени поради коронавирусот.