24фудбал

Ирска се сеќава како Македонија во Скопје им го сруши сонот за пласман на СП 1998 (ВИДЕО)

На 2. април 1997 година Македонија ја победи Република Ирска со 3-2 и им ги сруши сите надежи за пласман на Светското првенство 1998 година.

Македонија

Ирскиот „Мирор“ објави сторија за натпреварот во Скопје кој не им буди убави спомени на Ирците. Селекцијата предводена од Мик Мекарти со наведната глава си замина од тогаш „Градскиот стадион“, го загуби мечот од Македонија а со него и шансите за пласман на Мундијалот во Франција.

„Натпреварот не можеше да ми излезе од глава. Отидов во кревет, спиев само еден час и потоа се разбудив. Не можев да се помирам со поразот“, вели Мик Мекарти.

Тогаш Ирска поведе со гол на Меклаглин уште во осмата минута, следуваа два гола на Митко Стојковски од пенал за комплетен пресврт и водство на Македонија од 2-1.

По 15 минути игра во второто полувреме Ѓорѓи Христов со прекрасен гол успеа да зголеми на 3-1, а до крајот на мечот во 78. минута Ирска преку Кели го постави само конечниот резултат од 3-2.


Две години подоцна Ирците повторно настрадаа од Македонија и не се пласираа на големо натпреварување. Тогаш во Скопје, Горан Ставревски погоди во судиското продолжение за конечни 1-1 и ги сруши надежите на Ирска за пласман на ЕП 2000.