24фудбал

Снајдер раскажа како парите и славата му удриле во глава: Во Мадрид живеев како рок ѕвезда, водката ми стана најдобар пријател

Весли Снајдер ја раскажа темната страна на играњето фудбал за великан, парите и славата му удриле во глава по трансферот во Реал Мадрид, живеел како рок ѕвезда и водката му била најдобар пријател.

Шпанија

Во петок во продажба ќе се најде автобиографската книга на Весли Снајдер, а медиумите откриваат одредени детали. Фокусот им е на трансферот во Реал Мадрид и двете години поминати на Сантијаго Бернабеу.

Весли Снајдер ја раскажува темната страна на играњето фудбал за великан, парите и славата му удриле ов глава, живеел како рок ѕвезда и водката му била најдобар пријател.

„По пет години, бев подготвен да го напуштам Ајакс. Во петтата сезона, постигнав дури 18 погодици и тоа како фудбалер од средниот ред. Бев подготвен за авантура во странство, и мојот агент ме извести дека имам понуда од Валенсија. Добар клуб, но не помеѓу најдобрите. Не беше топ клуб. Реков дека ќе останам уште една година доколку не добијам подобра понуда, ова го знаеше и мојот агент и тренерот на Ајакс. Мојот агент се обиде да ме убеди уште еднаш, ми рече „Оди во Валенсија и следната сезона ќе играш на Бернабеу“, но јас не сакав да одам во Валенсија“ - открива Холанѓанецот.

„Бидејќи решив да не одам во Валенсија, се појавив на пресконференција за време на подготовките и кажав дека тоа ќе биде одлична година за Ајакс. Но потоа пристигна понуда од Реал Мадрид. Беа подготвени да платат 24 милиони евра, а Ајакс побара 30 милиони, голема сума за тоа време. Никој не сакаше да попушти, бев разочаран па решив да ги земам работите во свои раце и одбив да играм против ПСВ во Суперкупот. Целата младост ја поминав во Ајакс, играв долги години во првенството на Холандија, да клубот ми даде многу, но и јас му дадов многу на клубот, и морав да повлечам таков чекор“.

Предраг Мијатовиќ бил задолжен за комплетирање на трансферот, а деталите биле испеглани на аеродромот во Амстердам.

„Се сретнавме со спортскиот директор Предраг Мијатовиќ на Схипхол, тој беше десна рака на претседателот Калдерон. Од внатрешниот џеб извади лист хартија,  и ми го даде. Беше напишана сумата од три милиони нето и тој ми рече, „Земи или остави“. Во Ајакс заработував еден милион бруто, па во исто време со мојот агент рековме ДА. Трансферот во Реал Мадрид беше комплетиран за 27 милиони евра“.

„Бев млад и ми годеше успехот и вниманието. Но работите тргнаа во погрешен правец. Немаше дрога, но имаше многу алкохол. Живеев како рок ѕвезда. Ве обожаваат кога сте фудбалер на Реал Мадрид. Па кога ќе излезете, трошите илјацници евра и частите многу луѓе. Играв добро, но ми велеа дека можам уште подобро“.

Бурниот ноќен живот му направил проблеми во бракот, сопругата го напуштила заедно со нивното бебе.

„Останав сам, многу малку го гледав малиот Џеси. Си велев, зошто да сум сам кога имам толку многу пријатели. Но за кратко најдобар пријател ми стана водката“.

„Физички не осетив многу, следниот ден станував како ништо да не се случило. Но го губев фокусот и острината. Моето однесување не беше на нивото кое се бара во Реал Мадрид. Се лажев дека се е во ред. Останав во тимот само поради  фудбалската интелегенција која ја поседував. Тоа што трчав помалку го надополнував со техника“.