24фудбал

Како Клоп изгради тим кој доминира и руши рекорди, успехот на Германецот чини само 75 милиони фунти!

„Црвените“ по пауза од 30 години одново се шампиони на Англија а голема заслуга за ова носи Јирген Клоп, Германецот успеа да изгради тим кој доминира и руши рекорди и тоа го чинеше клубот само 75 милиони фунти.

Англија

Во октомври 2015, Ливерпул реши да се раздели со Брендан Роџерс по само осум кола од сезоната, клубот од Енфилд се поврзуваше со неколку имиња а на крајот изборот падна на Јирген Клоп.

Харизматичниот Германец ги освои симпатиите уште на првата средба со медиумите, каде се престави како „нормалниот“. Тој порача дека никој не треба да очекува чуда од него и побара од раководството доверба и време.

„Ве молам дајте ми време, ако бидеме трпеливи, можеме да бидеме успешни. Тоа не значи дека треба да чекаме 20 години...но мислам дека можеме да освоиме барем една титула во следните четири години. Доколку не успеам во тоа, следната работа ќе ми биде во Швајцарија“ – изјави Јирген Клоп и изнуди насмевка од новинарите.

На првиот негов натпревар на кормилото на Ливерпул (реми 0-0 против Тотнем), стартниот состав изгледаше вака: Мињоле на голот, Морено, Сако, Шкртел и Клајн во одбраната, Лукас Леива и Емре Џан во срцето на средниот ред, Милнер и Лалана по крилните позиции, Кутињо како офанзивен играч од средниот ред и Ориги во врвот на нападот.

На клупата седеа: Адам Богдан, Коло Туре, Џером Синглер, Жоао Карлос Тешеира, Конор Рандли, Џо Ален и Џордон Ајб.

Реконструкцијата на составот започна летото во 2016, Садио Мане беше првото големо засилување за кое беа платени 30 милиони фунти, тој трансфер период беше ангажиран и Џиџи Вајналдум за кого беа платени 25 милиони фунти, а пристигнаа и Лорис Кариус (4,7 милиони фунти), Рагнар Клаван (4,2 милиони фунти) и Џоел Матип, кој потпиша како слободен играч.

Следното лето пристигнаа Мохамед Салах за околу 34 милиони фунти, Алекс Окслејд Чемберлејн за 35 милиони фунти и Енди Робертсон за скромни 8 милиони фунти, Шкотот потоа се промовираше во еден од најдобрите леви бекови во Премиерлигата.

Најмногу пари беа потрошени во 2018, откако во јануари беше купен Вирџил ван Дајк за тогаш рекордни 75 милиони фунти за еден дефанзивец, за во јули да биде соборен и рекордот за најскап голман откако Ливерпул плати 56 милиони фунти за Алисон. Пристигнаа и Фабињо (40 милиони фунти) и Наби Кеита (52,5 милиони фунти) како и Џердан Шакири (13,5 милиони фунти).

Клоп веќе го имаше скоцкано тимот по свој мерак и фановите почнаа да гледеаат како напорната работа на Германецот дава плод.

Во сезоната 2018/2019, Ливерпул триумфираше во Лигата на шампионите и беше предизвикувач за титулата во Премиерлигата до последното коло, ја загуби битката со Манчестер Сити за само еден бод.

За сезоната 2019/20, Јирген Клоп практично не донесе ниту едно засилување, им веруваше на своите момци а тие блескаа на терените, газеа се пред себе, поставија неколку рекорди и Ливерпул за прв пат стигна до титулата во Премиерлигата.

Овој успех чини само 75 милиони фунти, Јирген Клоп на засилувања потроши речиси 402 милиони фунти, но од продажба на играчи во клупската каса донесе 327 милиони фунти.